четврток, 20 септември 2018 | Вести денес: 4 ново

Хајредини: Ахмети прави сѐ да ги спречи реформите, Албанците што гласаа за Заев со право се разочарани

Значи, Али Ахмети ги опструира сите предлози. Со самиот факт дека Законот за јазиците го постави како услов, спротивно на мислењето на Хан и на другите дека законот нема потреба да има знаменце, тој направи една бомба. Не му беше нему толку за јазикот, зашто ако му беше за јазикот тој, особено овие осум години, од кои едно пет години има двотретинско мнозинство во Собранието, тој Закон ќе го донесеше во договор со Груевски.“ Ова го изјави Џвдет Хајредини во интервју за ЦивилМедиа.

Џевдет Хајредини, експерт за финансии, аналитичар и поранешен министер за финансии, ги открива своите опсервации за опструкциите кои ги прави Али Ахмети во владата предводена од Зоран Заев. Во ова интервју, Хајредини ја анализира и позицијата на Ахмети во поглед на Законот за употреба на јазиците, како и неговата неславна улога што ја игра со континуираното дејствување против владините реформи, со напорите судството да остане заробено, а со тоа и Груевски да остане на слобода.

Каква е улогата на ДУИ, која сега е коалиционен партнер на СДСМ во Владата, за која се подразбира дека би требало да се согласува со антикорупциската агенда на Владата, како и со сите важни аспекти на политичките процеси во земјата? Кое е Вашето гледање на улогата на ДУИ во овие политички процеси како коалиционен партнер во Владата?

Би почнал со времето пред Али Ахмети да биде принуден од Европската Унија, лично од Фредерика Могерини, да се тргне од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Никола Груевски во интервјуто за весникот Република, рече дека никогаш нема да дозволи ДУИ да направи коалиција со СДСМ. На интервенција на новинарот како тоа ќе го спречи, тој одговори дека знаат тие од ДУИ како. „Па може ли“, продолжи новинарот, „да ни кажете и нам како?“ „Ќе дозволите некои наши планови да ги држиме во тајност.“

Меѓутоа, се случи како што се случи, откако не остана функционери од Америка, од НАТО, од Европската Унија, кои не дојдоа тука за да го натераат да се тргне. Меѓутоа, очигледното однесување на ДУИ од тогаш до денеска, независно што се случи, кажува дека таа врвца не е прекината.

Се поставува прашањето, зошто Груевски не ја употреби таа алатка? Тоа е договорено и во новата поставеност и констелација на политичката конфигурација во Македонија. Али Ахмети треба да прави сѐ што може да му помогне на Никола Груевски. Тој, всушност, помагајќи го Груевски, се штити самиот себе. Доколку дојде до распад, Груевски ќе ги употреби тие адути што ги има, а тоа би довело во Македонија до не се знае какви последици, и за Ахмети и за ВМРО и Груевски, а и за земјата во целина.

На кој начин му помага Али Ахмети на Груевски? Да ни дадете некој пример?

Али Ахмети, јас ќе сведочам, дека уште во преговорите за спогодбата од Пржино, работеше во полза и под притисок на Никола Груевски. Лично сум имал прилика ова сведочење да го слушнам од Питер Ванхауте. Тој и во едно интервју за Фокус во тоа време, април 2015 година, рече дека во текот на преговорите, во еден момент Груевски побара пауза за да се консултира со Али Ахмети сам. Се оддалечија, а после извесно време се врати, Али Ахмети беше пожолтен и се сврте кон Груевски. Ми го рече и ова: „Тргнав еден член од групата на ВМРО, и го прашав: Ама, што му направивте на човекот што вака се промени? Му прикажавме еден филм, горе, на кат“.

Значи, оваа врска, овој проблем, и ден денеска функционира. Како? Многу едноставно.

Според сугестиите и препораките на Венецијанската комисија, снимките од бомбите требаше сите да се објават. Дури, се наведува во таа препорака, и тие дијалози од приватен карактер, доколку се од јавен интерес. Се направи обид во Парламентот да помине ова, овој предлог да биде усвоен, Али Ахмети, не само што не се согласи снимките да се објават, дури отидоа до таму што ДУИ предложи закон, согласен со ВМРО, снимките да не се објават, не само во Македонија, туку и во странство.

Што значи тоа? Тоа што го има во снимките, Али Ахмети по секоја цена сака таму воопшто да не се допира, иако тој истиот Али Ахмети пред Заев да објави каква било снимка за ДУИ рече: „Тоа што има за ДУИ сѐ нека се објави, кој нешто направил нека одговара.“

Меѓутоа, од тоа време Заев, дали смислено или случајно, објави две-три снимки за ДУИ и лично за Али Ахмети, кој на перфектен македонски јазик зборува со Никола Груевски за спас на некои дивоградби во Чаир, а истиот тој човек веќе 17 години го применува Охридскиот договор само за него. Има можност и пари да плати преведувач и во секој јавен настап тој да зборува на албански со превод. Значи, тој го применува Охридскиот договор, но само за себе.

Значи, тој ги опструира сите предлози. Со самиот факт дека Законот за јазиците го постави како услов, спротивно на мислењето на Хан и на другите дека законот нема потреба да има знаменце, тој направи една бомба. Не му беше нему толку за јазикот, зашто ако му беше за јазикот тој, особено овие осум години, од кои едно пет години има двотретинско мнозинство во Собранието, тој Закон ќе го донесеше во договор со Груевски.

Меѓутоа, нему Законот не му беше примарен. Нему примарно му беше да ги спречи процесите на донесување на реформските закони, да продолжи заробеноста на судството, на рочишта да имаме одложувања веќе дека две години…

И замислете, овие процеси, доколку вака продолжат, откако некои пресуди ќе ги донесат основните судови, тие треба да одат на апелационите, така што со ова одолговлекување на процесите од Али Ахмети, тој директно му помага на Никола Груевски.

 

Целото интервју на Цивил Медиа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top