сабота, 21 април 2018 | Вести денес: 63 ново

Скопје го одбележува „Европскиот ден на креативноста“ заедно со уште 11 европски градови

На 21 март 2018 год. ќе го започне одбележувањето на “Европскиот ден на уметничка креативност“, како дел од проектот CreArt (Network of Cities for Artistic Creation), во кој од 2017 год.  Скопје е партнер со уште 11 други градови од Европа.( Aveiro, Clermont Ferrand, Genova, Katowice, Kaunas, Lecce, Liverpool, Lublin, Rouen, Skopje, Valladolid, Zagreb). Проектот CreArt (Мрежа на градови за уметничко творештво) претставува европска мрежа составена од градови и јавни и приватни културни институции, ко-финансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Комисија.

Своите активности во проектот CreArt  и “Европскиот ден на уметничка креативност“ ,Градот Скопје ги започнува на 21 март 2018 год.во 19 часот во Музеј на град Скопје, со отворањето на  изложбата насловена Портали. Потоа ќе следи серија од активности кои вклучуваат: Изложба „Калеидоскоп“ на графичките дизајнерки Маријана Иванова и Симона Трипкова, (2 април – Кафе Љубов); работилници за дизајн и рециклирање на материјали “ReTex”ментори-уметникот Александра Јовановска и архитект Екатерина Намичева ( 24-25 март-Музеј на град Скопје) со учество на студенти по дизајн; ученички работилници за макетирање со ОУ „ Максимилијан“(25 март-Музеј на град Скопје); и ArtTalk – Дебата на уметници и галеристи во врска со пазарот на уметност во државата( 28.март-Музеј на град Скопје).

Изложбата „Портали“ претставува  влез во диверзитетниот свет на уметноста, преку селекција на рецентни дела од девет млади уметници од Македонија кои дејствуваат локално и глобално со своето творештво во повеќе различни медиуми. Делата на Велимир Жерновски, Бисера Крцковска, Дарко Алексовски, Драгана Заревска, Ѓорѓе Јовановиќ, Иван Ивановски, Јана Јакимовска, Кристина Божурска и Владимир Лукаш, се  поврзани концептуално во една презентација на нивните погледи што се инспирирани од различни сегменти на секојдневниот живот и критично насочени кон проблемите што ги создаваат брзината на севкупниот развој, промените во опкружувањето и комуникациите. Како еден вид отворен портал-метафора на градот Скопје, градот кој претставува симбол на историја изградена врз база на обиди и грешки, истрајноста и борбата за опстојување.

CreArt го воспостави годишното прославување на „Европскиот ден на уметничка  креативност“ (European Day of Artistic Creativity) на 21 март во сите градови кои се дел од оваа мрежа но и во  градови и институции од Европа кои сакаат да ѝ се приклучат на иницијативата.  Целта на иницијативата е истовремено одбележување на уметничка креативност во цела Европа, со отворени активности во музеи, јавни и приватни културни институции,  уметнички училишта, галерии, училишта, трговски и угостителски објекти и слично.

Европскиот ден на уметничка креативност е замислен како настан кој  треба да  стане отскочна штица за нови, оригинални и неопходни идеи насочени кон публиката, јавноста, професионалците од областа на културата,   институциите и слично. Целта на проектот е да одговори на одредени потреби што ги споделуваат европските културни институции и уметници: да го максимизираат економскиот, социјалниот и културниот придонес кој визуелните уметности можат да ги направат со подобра поддршка на уметниците, менаџерите, индустријата и пошироката јавност, овозможувајќи им да креираат, изложуваат и да уживаат во уметничките дела, како и да добијат пристап до обуки преку семинари, резиденции на уметници, работилници и истражувачки програми.

Проектот CreArt во Скопје ќе продолжи во текот на 2018 година со бројни активности, како и секоја следна година до завршувањето на проектот во 2021година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top