понеделник, 23 април 2018 | Вести денес: 52 ново

Антикорупциска остана со двајца членови – Собранието бара оставки и од нив

Собраниската Комисија за избори и именувања им ги потврди оставките на пет членови на Антикорупциската комисија кои неодамна се повлекоа, по обелоденувањето на извештајот од внатрешната ревизија кој укажа на злоупотреби со буџетските средства. Со оценка дека Државната комисија за спречување на корупција во изминативе години беше Комисија за одбрана на корупцијата, пратеникот Артан Груби ги повика и останатите двајца членови да дадат оставка, за да се пристапи кон менување на законот и кон изборот на новиот состав на комисијата.

Игор Тантуровски, Горан Миленков, Сејди Халими, Жаклина Димчевска и Фарије Алиу си поднесоа оставки откако беше обелоденето дека во извештајот од внатрешната ревизија се наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари. Ревизорскиот извештај на УЈП покажа дека во 2016 година на членови на Комисијата им се исплаќале патни трошоци затоа што доаѓале на седници, а исплата се вршела врз основа на неверодостојни патни налози.

Од функцијата не се откажаа Сузана Таскова Аџикотарева и Најдо Спасевски. Евентуална злоупотреба на народни пари од страна на антикорупционерите е цел на истрага и на Финансиската полиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top