четврток, 19 април 2018 | Вести денес: 76 ново

Сведокот за „Сопот“ го гореле со цигари и го врзувале за радијатор за да потпише изјава

Четворица агенти на УБК во тајна база на полицијата во село Банско, близу Струмица, два пати, по неколку дена, крвнички го тепале и го гореле по телото Рамадан Бајрами од Куманово, со цел од него да направат лажен сведок во случајот Сопот, објавува порталот Судство.

Бајрами, кој е од кумановоското село Сопот, во 2003 година бил киднапиран од пред судот во градот од агенти на УБК и присилуван да ги обвини неговите соселани дека ја подметнале нагазната тенковска мина од која загинаа двајца полски војници и еден македонски државјанин.

Ова го потврди обвинителот од СЈО при денешниот главен претрес за овој случај за кој нагласи дека ниту СЈО, ниту ОЈО имале било каков доказ дека лицата кои минаа години во притвор и затвор се сторители на тој трагичен настан.

Истрагата утврдила дека исказот на Бајрами кој е клучен за осомничените да бидат осудени за тероризам, била изнудена со закани од припадниците на УБК.

Рамадан Бајрами, на 23.05.2003 година се упатил кон полициската станица во Куманово за да обезбеди извод за своето дете и пред трафика, каде што отишол да купи барање, од непознати лица, за кои подоцна дознал дека биле полициски службеници, бил удрен во задниот дел од главата. Тие му ставиле лисици, му ја кренале јакната преку глава и откако го ставиле во возило, почнале да го удираат. Го возеле околу 2 часа и го однесле на непозната локација, пренесе НОВА ТВ.

– Таму бил држен шест дена и бил изложен на физичка и психичка тортура од припадници на УБК. Сведокот изјавил дека целиот период бил со едната рака заврзана за радијатор. Бил физички и психички малтретиран. Удиран со клоци и со летва по целото тело а еден од припадниците на УБК му држел запалена цигара до челото. Не му давале доволно вода и храна, а постојано добивал закани дека ќе го лишат од живот, доколку не постапи како што тие му кажуваат. Целта на тортурата била да се присили да потпише изјава дека тој бил стражар додека од нив посочените лица ја поставувале мината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top