четврток, 18 октомври 2018 | Вести денес: 53 ново

Четврта експлозија овој месец: Нова пакет – бомба во Тексас, две лица повредени

Двајца мажи на возраст од околу 20 години се повредени откако експлодираше пакет-бомба во моментот кога минувале со велосипеди, соопшти шефот на полицијата во Остин, Тексас, Брајан Менли.

Тоа е четврта експлозија на пакет-бомба овој месец. Во досегашните експлозии загинаа 39-годишен градежен работник и 17-годишен студент. Во претходните експлозии повредени се и две лица.

– Експлозијата која се случи во недела навечер (по локално време) за разлика од претходните, кои беа детонирани кога жртвите ги зеле пакетите во свои раце, беше предизвикана од пакет оставен на улица и најверојатно активиран од далечина, појасни Менли.

Овојпат жртвите се од бела раса, за разлика од претходните три експлозии, кога загинатите и повредените беа Афроамериканци или Латиноамериканци.

Градоначалникот на Остин, Стив Адлер денеска изјави дека растечкиот страв кај жителите на градот е „легитимен и реален“ после четвртата експлозија. Неколку часа пред последната експлозија, Менли ги повика граѓаните да не допираат никакви пакети или што и да наликува на пакет.

– Немојте ниту да минувате близу нив, потенцираше Менли.

Пакетите не се доставени по пошта или приватни курири, туку во текот на ноќта беа оставени на куќниот праг на жртвите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top