четврток, 18 октомври 2018 | Вести денес: 50 ново

Мицкоски: Македонија е киднапирана и срушена држава (видео)

Во Македонија не се живее подобро. Стануваме држава каде сиромаштијатa расте, стандардот опаѓа, а корупцијата е највисока во Европа. Владата залудно потроши 10 месеци од животот на сите граѓани. Не е само проблемот што не решаваат потешкотии, не носат нови проекти, не реализираат ветувања, туку суштината е што не работат апсолутно ништо. Имаме уназадување на стандардите во секое поле. Политичко, економско, социјално, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека имаме деградиран политички и правен систем каде упадите, кршењата и непочитувањатa стануваат пракса. Оние кои како опозиција палеа, фарбаа, тепаа полиција сега кршат закон, устав и  деловник.

СДСМ и Зоран Заев донесоа изместени вредности во политиката и секојдневното живеење. Погледнете, најпрво го узурпираа собранието, ги прекршија сите можни процедури во собранието само за да го донесат неуставниот закон за јазици, и откако на сила го изгласаа, а Претседателот Иванов се одлучи да го заштити Уставот тие тргнаа во офанзива да го напаѓаат дека го крши уставот. И ова е еден доказ за изместените вредности, вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека има неуставен закон за јазици кој како со нож го дели ова општество. Потег кој наместо да направи општество за сите, создава поделено општество.

-Држава во која народните избраници кои го изгласале законот за јазици полицијата ги чува од сопствениот народ. Дополнително дел од нив јавно си кажуваат дека седеле дома за да не провоцираат Значи, свесни се дека тоа што го направија е провокација и е далеку од здравиот разум. Имаме држава на премиер со концесии. Во моментот имаме ситуација каде едниот коалиционен партнер му ја држи главата на Заев под вода и на него му снемува воздух. Човекот враќа долгови и тоа освен што е штетно за државата е трагично да се гледа. Како волјата за власт по секоја цена го корумпира човекот. И додека ова се случува. Нема поголеми плати пензии. Коморите се жалат. Синдикатите се жалат, земјоделците се жалат. Младите забрзано се иселуваат дополнително разочарани од животов што дојде. Хаос владее насекаде. Нема ден да одмине без некој нов скандал. Народот оправдано е зачуден или подобро шокиран, дециден е тој.

Мицкоски посочи дека денес Македонија е киднапирана и срушена држава. Ги киднапираат и узурпираат институциите, законите, уставот, а главната одлика им е рушењето.

Што е она што ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи:  Ние спремаме најдобра програма досега, со тим домашни и странски експерти. Се екипираме. Се приклучуваат многу нови луѓе на дневна основа. Многу брзо ги обзнануваме и ќе ги обзнаниме советите кој што ќе членуваат професори истакнати професионалци, академици. Ние работиме да му понудиме на народот алтернатива. Енергијата расте, бидејќи Македонија заслужува подобро. Од утре сакам да ја информираме јавноста дека исто така продолжувам со теренските посети. Природната средина на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде теренот меѓу граѓаните. Ќе одам во град, во село, од куќа до куќа, и ќе разговараме со народот. Гласот на народот мора да биде слушнат, ќе разговараме и понудиме решенија. Остануваме со народот во сите предизвици и заедно ќе дојдеме до излезот кој ќе значи оваа власт да си замине, посочи Мицкоски.

Тој додаде дека Македонија нема време за чекање и не смееме да дозволиме уште една генерација да загубиме.

Потребна е нова сила за Македонија. Нова надеж за Македонија. Народот во Македонија заслужува подобро и Македонија заслужува подобро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top