недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 3 ново

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не одат на координација со Џафери, ќе му достават две писмени барања

Претседателот на Собранието Талат Џафери и координаторот и претставници на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да имаат средба за време на получасовната пауза на 32. седница, на чиј дневен ред е законот за употреба на јазиците. Од пратеничката група велат дека воопшто немале договор за координација, као што кажа Џафери од собраниската говорница пред да објави пауза.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев како што информираат од партијата, до Џафери писмено ќе достави две барања и тоа Комисијата за мандатно имунитетни и деловнички прашања да расправа дали тие имаат деловничко право да поднесат и да расправаат за амандманите за Законот за јазиците и на продолжението на 32. седница да се отвори расправа за над 35.000 амандмани за законот поднесени од нив.

Џафери на пленарната седница најави дека ќе има средба со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за да се договорат за натамошниот тек на седницата и даде пауза до 16 часот.

Но, од пратеничката група на ВМРО информираа дека средба нема да има. На прашањето како ќе продолжи седницата, велат дека не знаат.

Законот за употреба на јазиците на денешното продолжение беше прескокнат, а пратениците продолжија со изјаснување за другите точки на дневен ред на седницата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top