недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 2 ново

Замина пионерот во областа на космологијата, општиот релативитет и квантната механика

Најпознатиот теоретски физичар и космолог на 21 век, Стивен Хокинг почина утрово на 76 годишна возраст во неговиот дом во Кембриџ, објави неговата фамилија.

Во неговата научна дејност тој беше пионер во областа на космологијата, општиот релативитет и квантната механика, автор на многубројни научни трудови во соработка со научници и научни институции ширум светот.
Особено познат по теоретското откривање на Хокинговото зрачење, процес според кој црните дупки ’испаруваат’. Тој беше прв физичар кој се обиде да ги објасни физичките закони во Универзумот поврзувајќи ја космологијата со квантната механика и голем поддржувач на теоријата за мултиверзум.
Покрај неговата плодотворна научно истражувачка дејност тој исто така имаше големо влијание на поп културата, беше чест гостин во медиумите и се појавуваше со почесни улоги во Ѕвездени патеки, Симпсонови, Футурама, Монти Пајтон и др. Неговиот компјутерски генериран глас беше позајмен за песната Продолжи да зборуваш на Пинк Флојд.
Неговата книга за општа популаризација на науката, физиката и космологијата Кратка историја за времето беше бестселер цели 237 недели. Биографскиот филм номиниран за Оскар од 2014 година Теорија за сè беше опишан неговиот живот, борбата со невролошкото пореметување и почетокот на неговата научно истражувачка дејност.
„Јас верувам дека животот на Земјата е во голема опасност да биде истребен од ненадејна нуклеарна војна, мутиран вирус или залутан астероид. Мислам дека човекот ќе нема иднина доколку не продолжи да се развива во вселената. Затоа сакам да поттикнам што поголем интерес за науката.“ – Стивен Хокинг 1942-2018

извор: Орион.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top