недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 3 ново

Филмот „Лебот на сеќавањето” ќе биде прикажан во Музејот на холокаустот

Документарниот филм „Лебот на сеќавањето” („Il pane della memoria“) ќе биде прикажан вечер во Музејот на холокаустот во Скопје, во рамки на одбележувањето на 75-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија и по повод италијанското претседателство со Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот.

Прикажувањето на филмот го организираат Амбасадата на Италија, Фондот за холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница на Република Македонија.

На проекцијата на филмот (на италијански со превод на македонски) ќе присуствуваат режисерот Луиџи Фачини, кој ја доби Сребрената лента – една од најпрестижните награди на Италијанскиот национален синдикат на филмските новинари, како и продуцентката Марина Пиперно, која е една од ретките кои успеале да избегаат за време на масовната депортација на Евреите во Рим во октомври 1943 година. Предвиден е и краток вовед од страна авторите.

Филмот, кој веќе беше прикажан по повод одбележувањето на „Денот на сеќавањето на холокаустот“, ја раскажува долгата историја на еврејската заедница во Петиљано (Италија), преку сведочење на последниот жив член на таа заедница. Нејзиното интензивно сведочење дава светло на интеграцијате меѓу христијаните и Евреите, во голема мерка изменето по воведувањето на расните закони, што довело до исклучување од заедницата, дискриминација и конечно, депортација.

Пред проекцијата на филмот ќе се обратат директорот на Фондот за холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо, претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо Николиќ, како и амбасадорот на Италија, Карло Ромео

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top