петок, 22 јуни 2018 | Вести денес: 74 ново

Почина Стивен Хокинг

Стивен Хокинг, најсјајната ѕвезда на научното небо, чии согледувања ја обликуваа модерната космологија и инспирираа милионска светска публика, почина на 76 години.

Неговото семејство утрово соопшти дека Хокинг починал во неговиот дом во Кембриџ.

Децата на Хокинг, Луси, Роберт и Тим, во соопштението велат: „Длабоко сме тажни шт нашиот сакан татко денес почина. Тој беше голем научник и извонреден човек, чија работа и наследство ќе живеат многу години. Неговата храброст и упорност со неговата брилијантност и хумор ги инспирираа луѓето низ целиот свет. Тој еднаш рече: ‘Ова и немаше да биде некој универзум ако не беше дом на луѓето што ги сакате’. Ќе ни недостига засекогаш.“

За колегите научници и за најблиските, она по што ќе биде запаметен Хокинг се интуицијата и чудното чувство за хумор, исто колку што и жестокиот интелект, кој, заедно со неговата болест, ги симболизира неограничените можности на човечкиот ум.

Во 1963 година, на возраст од 21, на Хокинг му беше дијагностицирана болест на моторните неврони. Лекарите очекуваа да живее само уште две години. Но Хокинг имаше форма на болеста што напредува побавно од вообичаеното. Тој живееше уште повеќе од половина век.

Хокинг еднаш процени дека работел само 1.000 часа за време на неговите три додипломски години во Оксфорд. На дипломската, тој дошол на граница меѓу диплома од прва класа и диплома од втора класа. Убеден дека го сметаат за тежок студент, тој им кажал на своите испитувачи дека ако му дадат прва, ќе се пресели во Кембриџ за да продолжи со докторат. Ако му дадат втора класа, се заканил дека ќе остане. Тие се одлучиле за првата.

Оние што живеат во сенката на смртта често се оние што живеат најмногу. За Хокинг, раната дијагноза на неговата кобна болест и смртта од леукемија на момче што го запознал во болница, предизвикале ново чувство за целисходност. „Иако над мојата иднина висеше облак, открив, на мое изненадување, дека сега уживам во животот повеќе отколку порано. Почнав да напредувам со моето истражување“, рече тој еднаш. Сериозно зафаќајќи се со својата кариера, тој рече: „Мојата цел е едноставна. Тоа е целосно разбирање на универзумот, зошто е ваков каков што е и зошто воопшто постои.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top