сабота, 20 октомври 2018 | Вести денес: 34 ново

Снемува лекови на рецепт во аптеките: Граѓаните и фармацевтите се револтирани

Снемува лекови на рецепт во аптеките уште на почеток на месецот, се жалат и граѓаните и фармацевтите. Се трошат квотите покриени од државата и истиот лек  може да се купи само приватно, за повисока цена.

Граѓани реагираат дека ако порано можеле истиот лек да го најдат и на 20, сега го нема ни на 10 во месецот. Најупотребувани се лековите за смирување, срце и за притисок, пишува „Независен весник“.

– Јас имам хронична болест, имам проблеми со срце и со циркулација. Пијам лекови за притисок, за смирување, за вени. Ги купувам веднаш штом ќе земам пензија, оти често се случува ти да ги нема низ аптеките, ако е почеток на месецот – вели Вера Миланова,  жителка на скопски Капиштец.

Недостигот на лекови особено е проблем за хроничните болни, кои мора навреме да ја земаат пропишаната терапија.  Мака имаат и пензионерите, но и сите останати што се принудени да одат од една до друга аптека со надеж дека ќе го најдат лекот. Револтирани се и фармацевтите.

– Квота имаме, но нема лекови. Овој месец нема да добиеме нова пратка – ни одговорија од една аптека, која е дел од голем синџир аптеки, кога прашавме за „пентоксифилин“, лек за циркулација кој многу често се употребува.

Во други аптеки, пак, го баравме лекот „урсофалк“, кој исто така е на позитивната листа. Вработените ни одговорија дека квотата е потрошена и дека кај нив ќе ги нема овој и други лекови до крајот на месецот.

Фармацевти велат дека потрошувачката на лекови за кои граѓаните плаќаат само партиципација е зголемена во последниве месеци, а квотите што тие го добиваат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) останале исти. Затоа некои лекови ги нема на рецепт за пониска цена, а ги има ако извадите пари да ги платите за повисока цена.

Од Фондот за здравствено осигурување засега не одговорија дали нивните податоци покажуваат зголемена потрошувачка на лекови на „државно“ и дали ќе ги зголемат квотите. Последниот годишен извештај на ФЗОМ за потрошувачката на лекови е за 2016 година. Во него стои дека потрошувачката на лекови на рецепт во изминатите години е во постојан пораст. Во 2016 година се реализирани 5 отсто повеќе рецепти, а вкупниот фактурирани износ до ФЗОМ од аптеките е за осум отсто поголем во однос на 2015 година. Споредено со 2013 година, во 2016 година бројот на рецепти е поголем за 25 отсто, а износите се поголеми за 24 отсто.

На ниво на држава, во 2016 година, еден осигуреник просечно годишно употребил по 12 рецепти, што е за 2,6 отсто повеќе во споредба со 2015 година. Околу 30 отсто од сите рецепти се реализираат низ аптеките во Скопје.

Минатата година, кога беше во опозиција, СДСМ вети дека новата реформска влада веднаш по формирањето ќе се зафати да го реши проблемот, за да се надмине состојбата со недостиг на лекови на рецепт. Меѓу ветувањата беше и дека ќе се зголемат буџетските средства за лекови за да се овозможи поголема достапност на поскапите лекови, кои се од витално значење за пациентите. Од партијата се повикаа на истражување на Европскиот здравствен потрошувачки индекс, кое покажа дека 57 отсто од вкупната продажба на лекови во Македонија паѓа на товар на граѓаните, а само 25 отсто се на товар од Фондот за здравство. Според тоа, Македонија е меѓу последните четири земји во Европа каде што државата најмалку субвенционира лекови за своите граѓани.

извор:независен весник

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top