недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 23 ново

Избркани медицински сестри и персонал од Клиниката за уво нос и грло, меѓу нив и бремена жена

Гордана Јаневска Мишокова која е во 8-миот месец од бременоста остана без работа. Таа скоро 3 години била медицинска сестра на Клиниката за уво нос и грло. Оваа непријатна ситуација и дополнителен стрес и се случуваат  краток период пред породувањето. Гордана е една од 12-те медицински сестри, болничари и хигиеничарки со договор на дело на кои вчера само усно им било кажано повеќе да не доаѓаат на Клиниката. Директорот им образложил дека договорите не им биле во согласност со законот, но не добиле никаков документ за прекин на истиот.

-Работиме на договори на дело на 6 месеци, договорот ни истекува на 1 јуни. Не потпишавме никаков документ . Директорот ни кажа ако има потреба ќе ве вратиме на работа. Мене нема да ме вратат зошто сум во 8 месец трудна. Но останатите 12 колеги ќе чекаат, изјави Гордана Јаневска Мишокова, медицинска сестра.

Иако на договорите има потпис и печат од претходната директорка новиот менаџерски тим им кажал дека нема да им ја исплати ниту платата за февруари. А претходните месеци пари редовно им биле префрлани на трансакциска сметка. За разрешница на случајот веќе консултирале и адвокат.

-Си ги бараме правата и ќе одиме до крај, изјави Маја Јандриевска, медицинска сестра.

И покрај обидите на Сител не успеавме да добиеме став од менаџментот на Клиниката за Уво нос и грло. Од министерството за здравство одговорија дека лицата биле ангажирани незаконски, но ќе бидат вработени.

-Информираме дека Клиниката има потреба од овие лица и тие совесно и професионално си ги извршуваат своите работни задачи. Од тие причини, веќе се доставени барања за согласност до

Министерството за финансии за издавање на согласност за ангажирање лица по договор на дело, со што ќе се биде испочитувана законската регулатива. Овие лица се обучени и докажани во својот делокруг на работење и по обезбедување на согласностите, истите лица ќе бидат повикани за склучување договор за ангажирање на Клиниката, се вели во одговорот од МЗ.

Инаку нивниот отказ е во период кога сите ЈЗУ кубурат со средно медицински кадар, а се повеќе сестри заминуваат да работат во странство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top