среда, 19 септември 2018 | Вести денес: 0 ново

Мичел: САД ги поддржуваат Македонија и Грција да најдат решение за името

САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко решение за прашањето за името. Единственото решение ќе биде заедничкото решение. Македонија презеде големи чекори напред во ангажирањето во преговори со нејзините грчки соговорници и ова е одлична можност за доаѓање до решение. Многу е важно двете држави да продолжат со преговорите.

Ова го порача американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Што се однесува до НАТО и престојниот Самит на Алијансата, нагласи дека поканата за членство не е поврзана со точен датум или настан.

– Но, мислам дека можеме да направиме се што можеме за да го одбележиме напредокот и заложбите на САД кон Македонија за да стане членка и на НАТО и на ЕУ. Ова е наша заложба долги години и не е врзана со конкретен датум или настан, рече Мичел.

Тој додаде дека САД ја поддржува Македонија во нејзините евроатлантски аспирации и нагласи дека вратата кон НАТО останува отворена и оти стојат зад поканата упатена на самитот во 2008 година.

На новинарско прашање дали Вашингтон директно ќе се вмеша во преговорите за името, Мичел рече дека САД се ангажирани и ќе продолжат да бидат ангажирани во процесот, но оти двете држави треба самите да дојдат до решение.

– Мислам дека научивме од изминатите искуства и тоа треба да го нагласиме дека тајмингот и природата на нашата улога мора да одговара со нашите интереси. Ние се бориме за сите начела кои се наши заеднички начела како на Балканот, така и пошироко. САД се посветени на овој процес и јас самиот сум посветен, во исто време препознаваме дека единственото решение е решението што двете земји ќе го постигнат меѓу себе. Ги препознаваме напорите коишто и Македонија и Грција ги прават, но сакаме да дадеме поддршка на единствен начин. Ова не е наша одлука, ова е одлука ваша и на Грција. Можам да ве уверам дека ќе бидеме вклучени во процесот со наш ангажман, рече Мичел.

Премиерот Заев во однос на решавањето на спорот за името изрази задоволство што процесот е влезен во финална фаза и ја потврди јасната подготвеност за вистински дијалог.

– Кога ви е тешко се викаат пријателите. Ние со Бугарија го решивме проблемот, дај Боже да им соопштиме на нашите пријатели дека постигнавме решение и со Грција прифатливо и за двете страни со зачувување на достоинството и идентитетот. Ќе продолжиме со преговорите, но ако има проблем повторно очекуваме помош од нашите пријатели на принципиелен начин, рече Заев на новинарско прашање во однос на можноста за помош од страна на САД.

Во однос на грчката нацрт спогодба, Заев истакна дека таа ќе биде искористена во процесот ако е од помош, но оти клучен е процесот што се води во рамките на ОН.

– Процесот е под раководство на ОН. Медијаторот Метју Нимиц е еден од најупатените во суштината на овој проблем. И тука се најважните документи – можна спогодба, меѓународен договор или сл. Договорот меѓу двете страни, меѓу мене и премиерот Ципрас, и меѓу Коѕијас и Димитров е дека секој документ што ќе дојде од која било страна, а би бил од помош за конечно решение е вреден за разгледување. Важно е тоа што доаѓа од медијаторот затоа што и двете страни сме согласни дека процесот мора да продолжи под раководство на ОН, оти и на двете страни ни треба процесот да биде верификуван во ОН преку резолуција и гласање во Светската организација, рече Заев.

Тој се заблагодари за поддршката од САД за НАТО и ЕУ интеграциите и истакна дека очекува Македонија во април да добие чиста препорака за почеток на преговорите од страна на ЕК, а во јуни одлука од Советот на ЕУ за нивно отпочнување, како и да стане 30-та членка на Алијансата на самитот во јули.

Посетата на Вес Мичел на Македонија е во рамките на неговата турнеја во регионот прва по стапувањето на функцијата заменик-помошник државен секретар во Стејт департментот за Европа и Евроазија. Во Скопје дојде од Приштина, а од Македонија заминува за Белград. Дел од неговата турнеја е и Атина, каде во четврток едно од прашањата за кое ќе разговора со грчките власти е и спорот за името.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top