сабота, 22 септември 2018 | Вести денес: 2 ново

Марија Шерифовиќ, поп-пејачка: Мојот живот воопшто не е лесен и возбудлив

На Евровизија веќе нема да одам. Ја пораснав и се заситив. Тоа е како на некое дете да му купите игра за Плејстејшн, да речеме. Тоа за некое време ќе се презасити од неа и ќе му здодее. Така е со мене и со Евровизија, вели Шерифовиќ

Познатата музичка ѕвезда Марија Шерифовиќ за прв пат гостува во Скопје на голем солистички концерт. На вчерашната средба со новинарите и самата рече дека не знае која е причината што толку долго не одржала концерт во Скопје, но еве сега ќе се исправи пропустот.

Во нашиот град таа престојуваше вчера по големата турнеја од САД и рече дека е ненаспана и уморна, но како вистински професионалец издвои време за разговори и изјави за медиумите, фотографирање со фановите и ја посети изложбата „Жената од Македонија низ вековите“ организирана од Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба и ансамблот „Македонија“. Со големо интересирање ги слушаше кустосите кои со задоволство и претставија  осум археолошки експонати насловени како „Праисториските дами од Македонија“, шест историски инфотабли на „Жената борец за државност и самостојност“ и пет експонати кои ја отсликуваат македонската жена низ фолклорот.

Марија ќе ги израдува своите фанови од Македонија со спектакл за паметење, најавен како празник за уши за сите оние кои ја сакаат нејзината музика и глас. Публиката ќе има прилика да ужива во најголемите хитови како што се: “Молитва”, “Бол до лудила”, “Паметна и луда”, “Горка храброст” и многу, многу други. Присуството на Шерифовиќ во Скопје беше можност да поразговараме со неа. Концертот ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“, која вчера ја посети.

На средбата со Марија стана збор и за новата песна и спот кој ќе се промовира на 9 март.

-Спотот за новата песна „Није љубав то“, всушност го раскажува мојот живот. Сакав се она што сум јас и се она што го живеам да го ставиме во тие четири минути. Мојот живот воопшто не е толку лесен, возбудлив и интересен како што го опишуваат медиумите. Всушност, тој е тежок и монотон, се до моментот кога ќе се качам на сцената, вели Марија.

Овој месец имате концерт во Скопје. Најавен е како спектакл за паметење. Што ќе и претставите на македонската публика?

-Ќе ги изведам моите песни,ќе слушаат само добра музика. Јас постојано пеам за љубовта и тоа е се што ќе ви кажам.

Ќе има ли некакви изненадувања? Гости на концертот? Што може да очекува публиката на 17 март?

-Јас кога одам на концерт купувам карта за да го слушам изведувачот за кој сум купила карта. Некои сакаат да прават панаѓур од своите концерти.

Евровизија ја донесовте во Србија, откако победивте со „Молива“. Дали таа победа за Вас конкретно  донесе товар или ви беше отскочна даска за понатамошната кариера?

-Тоа дојде неочекувано. Јас тогаш имав 21 години и воопшто не очекував дека такво нешто ќе се случи. По полуфиналето евентуално почнав да се надевам. Но, сепак таа победа ми го донесе и едното и другото. Тогаш бев едно младо, нервозно и напнато дете, но и покрај тоа ниту еднаш не изјавив: да, јас ќе победам. Така сега знаат да прават претставниците на земјите од регионот. Не е убаво јавно да предвидуваш некаква победа. Друго е да речеш: убаво би било, или: јас се надевам. На Евровизија веќе нема да одам. Ја пораснав и се заситив. Тоа е како на некое дете да му купите игричка за Плејстејшн, да речеме. Тоа за некое време ќе се презасити од неа и ќе му здодее. Така е со мене и со Евровизија.

Вашата мајка е позната пејачка на народна музика, а вие се одлучивте за поп музика. Имаше ли влијание нејзината професија и љубовта кон музиката на вас?

-Ако мислите дека ме учела, одговорот е –не. Ние пееме различна музика, но секако љубовта кон музиката влијаела на мене.

Соработувавте со македонскиот композитор Дарко Димитров на неколку песни. Што би рекле за македонска поп сцена?

Со Дарко Димитров многупати сум соработувала. Се погоди сосема случајно, повеќето од инструменталистите во новата песна да се од Скопје. Јас овде поминувам многу време, Дарко Димитров е мој стар другар, со него сум снимила преку 30 песни. За македонската поп сцена сметам дека е квалитетна и дека има талентирани изведувачи и музичари.

„Сама и нервозна“ и „Паметна и луда“ се двете песни кои направија пресврт во вашата кариера, но потоа новиот сингл  „Део прошлости“ ги надмина овие два хита. Сега, еве на 9 март, најавувате нова песна и спот. Лесно ли се снаоѓате во различни жанрови?

Да. Јас пеам се, така што за мене не е важно каков жанр е песната.

Дел сте од жирито на „Ѕвездите на Гранд“. Што би им порачале на оние кои сакаат да бидат пејачи?

Денес секој сака да пее, не е лесно. Сите сакаат да бидат пејачи, но не знаат сите да пеат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top