среда, 19 септември 2018 | Вести денес: 0 ново

Лувр со своја изложба во Техеран

Францускиот музеј Лувр вчера отвори изложба во Техеран, на која ќе бидат прикажани педесетина уметнички дела меѓу кои и египетска сфинга стара 2.400 години, биста на римскиот император Марко Аурелиј, цртеж-скица на Рембрант, како и пејзаж на францускиот сликар Жан Батист Коро.

Ова е првпат некој од попознатите западни музеи да отвори своја изложба во Иран. Тоа е одраз на желбата на Франција да ги зајакне и онака силните историски врски со оваа азиска држава, и покрај тешкото минато во однос на политичките и безбедносни несогласувања меѓу Париз и Техеран, истакнуваат организаторите на изложбата.

– Идејата е во одреден степен да се донесе Лувр кај Иранците, па се обидовме да направиме избор кои ќе го претставува целиот музеј, за сите осум оддели на Лувр – скулптури, антиквитети, слики и исклучително широка хронологија, бидејќи во последната сала претставуваме и современи дела, истакна Џудит Енон, една од организаторите.

Изложбата е отворена вчера во Националниот музеј на Иран во Техеран, во присуство на министрите за надворешни работи на двете земји, францускиот Жан-Ив ле Дриан и ирачкиот Мохамед Џавад Зариф. За јавноста ќе биде отворена денеска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top