вторник, 17 јули 2018 | Вести денес: 0 ново

Жените побезбедни и посмирени возачи од мажите

Статистиката и фактите покажуваат дека жените се побезбедни возачи од мажите. Истражувањата на релевантни меѓународни организации, покажуваат дека мажите многу повеќе страдаат во сообраќајни незгоди во споредба со жените и многу често се предизвичкувачи на сообраќајни незгоди со сериозни фатални последици.

По повод денот на жената 8 Март, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата РСБСП, направи анализа на истражувањата и анкетите на оваа тема, но и на она што покажуваат статистичките податоци.

Според РСБСП, во Македонија, во просек, околу 70 до 80 отсто од жртвите во сообраќајни незгоди се од машкиот пол, а 20-30 отсто од женскиот пол.

Истражувањата, анализите и реалноста, покажуваат дека жените се многу внимателни возачи, одговорни се и се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи. Брзото и агресивно однесување во сообраќајот, не е својствено за жените. Ретко може да се види жена да ги потценува последиците од управување моторно возило под дејство на алкохол.

Анкетно истражување направено од РСБСП минатиот период, покажува дека 60 отсто од жените-возачи во Македонија се убедени дека тие се подобри возачи од мажите, 88 отсто од жените сметаат дека агресивното однесување во сообраќајот е карактеристично за мажите, 60 отсто сметаат дека мажите се неодговорни учесници во сообраќајот, 63 отсто сметаат дека мажите и жените се рамноправни учесници во сообраќајот, а 37 отсто сметаат дека мажите се доминантни и не ги почитуваат жените како рамноправни учесници во сообраќајот. Најголемиот дел од жените сметаат дека мажите се агресивни и тоа сериозно им пречи и им влијае во сообраќајот.

Според Светската здравствена организација, повеќе од 77 отсто од смртните случаи во сообраќајот на патиштата се предизвикани од мажи, околу 72 отсто од жртвите во сообраќајни незгоди се лица од машки пол, а според податоците на светските осигурителни компании, околу 80 отсто од штетите направени во сообраќајниот систем се направени од мажи.

По однос на прашањето дали мажите или жените се побезбедни возачи, експертите велат дека жените се побезбедни и посмирени во сообраќајот, додека мажите се поагресивни и понестрпливи. Машките возачи имаат поголема самодоверба, склони се за преземање ризик и затоа поголема е веројатноста да направат грешки, односно машките возачи повеќе го потценуваат ризикот и опасноста во сообраќајот.

Младите машки лица многу повеќе предизвикуваат сообраќајни незгоди со тешки и со фатални последици во споредба со младите женски лица.

Една сообраќајна студија направена во Њујорк, покажува дека 80 отсто од незгодите во кои загинати или тешко повредени се пешаци, се предизвикани од возачи од машки пол. Истражувањата на тамошните осигурителни компании, покажуваат дека веројатноста жените да предизвикаат сообраќајна незгода со сериозни последици, е помала во однос на машките возачи и токму затоа во наредниот период се очекува една нова тенденција на намалуваање на цените за осигурување за жените возачи.

Анкетите и истражувањата покажуваат дека мажите, за разлика од жените, подобро се запознаени со опремата за безбедност во возилата. Мажите знаат дека постои електронска контрола на стабилноста која помага да се спречат незгоди со превртување на возилото, потоа мажите подобро се служат со помошниот алат, поприсебно се однесуваат во случај на сообраќајна незгода, подобро се снаоѓаат во мал простор со тешки маневри, побрзо паркираат итн. Токму ова создава лажна перцепција дека мажите се подобри и побезбедни возачи од жените.

РСБСП апелира до сите возачи да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да бидат дефанзивни учесници во сообраќајот, затоа што последиците се трагични, огромни и ненадоместливи, независно од полот, возраста, националноста или која било друга индивидуална карактеристика на предизвикувачот на незгодата или на жртвата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top