среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 85 ново

Шести март е Европски ден на третманот на нарушувањата на говорот и јазикот

м-р Нермин Теловска, претседателка на Одборот на логопеди при Сојузот на дефектолози на Република Македонија

 

 

Како Одбор на логопеди при Сојузот на дефектолози на РМ, оваа година сме активни учесници во организацијата на првата конференција во Македонија, по повод 6. Март, Европскиот ден на третманот на нарушувањата на говорот и јазикот. Целта на одбележувањето на овој ден е зголемувањето на свеста за логопедската професија и јавната свест за нарушувањата на вербалната комуникација како и нивното влијание врз човековото здравје. Преку размената на знаењата и искуствата низ цела Европа може полесно да се дојде до спречувањето на овој вид нарушувања или подобра превенција од нивните можни компликации. Секоја година се предлага една тема и често се користи заеднички слоган и заеднички материјали.

Фокусот оваа година е насочен на Аугментативната и алтернативната комуникација, за која на јавноста ќе ѝ се овозможат многу информаци преку најразлични активности и форми, како што се:

• Инсталирање на телефонска линија, така што луѓето можат да се јавуваат и да поставуваат прашања;

• Проекции на видео, филмови, телевизиски емисии за учениците во училиштата, градинките, болниците или за ординации;

• Дистрибуција на флаери и постери во училиштата, градинките, болниците и во други установи;

• Вклучување на медиумска кампања, со написи во списанија, весници, телевизија и радио, фокусирајќи се на интервјуа со пациенти, како и со професионалци;

• Организирање прес-конференции;

• Интервјуа, да се добие увид за тоа колку се луѓето упатени во логопедската професија, како и во третманот на нарушувањата на говорот и јазикот.

• Организирање симпозиуми;

• Организирање јавни трибини;

• Средба со членовите на владини органи итн.

Вербалната комуникација е говорна или пишана комуникација во која се користат зборови. Ефективната говорна комуникација е вештина која мора да се научи и да се практикува. Аугментативната и алтернативната комуникација се користат за комуникација кај лицата со сериозни нарушувања на вербалната комуникација од различни причини.
Под аугментативната и алтернативната комуникација, се подразбира користење на секаков друг облик на комуникација, освен оралниот, тоа се гестот, симболите, сликите, но исто така и различните помошни технологии или асистивни, адаптивни и рехабилитациски апарати. Современите, нови електронски машини со висока технологија, станаа начин на кој многу луѓе комуницираат. Со напредок на компјутерската технологија, новите уреди стануваат се помали и полесни за примена. По пат на скенирање и прекинувач, многу луѓе сега имаат пристап до алатките кои им овозможуваат да комуницираат и да си го прилагодат опкружувањето. Многу машини денес овозможуваат контрола на опкружувањето, па така може истовремено да се отчука пораката која машината ја претвора во гласовна и на тој начин човекот може да го запали светлото или да ја смени јачината на звукот на телевизорот и слично.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top