среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 85 ново

Димитар Димовски: Се случува најголемиот социјален и економски егзодус на македонскиот народ

Поминуваме низ период во кој нема ден без нова афера, нема ден да не назадуваме во некој процес, нема ден во кој некој гласно смее да извика „Долу влада“, а при тоа да не биде повикан на одговорност или да биде казнет за тоа. Поминуваме низ период во кој осиромашувањето на народот е приоритет за власта, судството и целиот тој систем се распаѓаат во подаништвото кон власта, задолжувањето на владата кај банките и кредиторите ни се секојдневица и државниот долг вртоглаво расте. Поминуваме низ период во кој оваа инсталација наречена власт е подготвена да ја разнебити македонската националност и да го уништи македонскиот идентитет. Не само што не донесе живот туку ја уништува и желбата за живот кај луѓето. Му ги замагли очите на народот и му ја цицаат и последната капка надеж, вели Димовски

Во интервјуто за Република членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Димовски зборува за своите почетоци во партијата, својот развој и за обвинувањата дека бил соработник на службите, како и за својот став за актуелната политичка состојба, за Законот за јазиците и за начинот на работење на актуелната влада.

Во биографијата пишува дека сте член на ВМРО-ДПМНЕ од 1991 година. Тоа значи дека сте бил сведок многу историски процеси во партијата. Каков беше вашиот ангажман и како течеше вашиот развој во партијата?

ДИМОВСКИ: Да, точно. Член сум од 16 јуни 1991 година, само што завршив втора година гимназија. Тоа беа времиња обременети со силни притисоци, предводени од инсталации на југоносталгичари и комунистички директори и раководители на сите нивоа. Сепак, заедно со Столе, Атанас, Дејан, Златко, Роберт и уште неколкумина други средношколци, ја формиравме Унијата на млади сили во Берово, а јас бев  нејзиниот прв претседател.

Димитар Димовски, митинг на ВМРО-ДПМНЕ, 15 мај 997 година

Во историските процеси во партијата не само што сум бил сведок на случувањата туку и многу директно сум учествувал и во добрите и во тешките моменти на партијата, и во победите, и во поразите и во сите превирања. Горд сум што сум бил дел од раководството на УМС на ВМРО–ДПМНЕ кога подмладокот буквално ја носеше партијата на свој грб од 1995 до 1997 година. Горд сум што сум бил водач и говорник на најмасовниот протест во Република Македонија одржан под мотото „Стоп за економското, социјалното и државно пропаѓање на Македонија“ во мај 1997 година, а бев и еден од водачите на студентските протести, организирани во 1997 година, заедно со Филип Петровски, Орце Тодоровски, Игор Миќев, Антонијо Милошоски и една плејада млади, честити патриоти. Во тие времиња бевме мали по години, но големи по дух, по љубов кон Македонија. Бевме другари, браќа, семејство, со неизмерна почит едни кон други.

Димитар Димовски, годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ

Што се однесува до моите ангажмани во партијата, сум лепел и плакати, сум бил во младинското раководство, член на Централниот комитет на партијата, шеф на Кабинетот на поранешниот генерален секретар на партијата – Борис Змејковски, член на неколку партиски комисии, сум учествувал во сите изборни процеси, честопати и како координатор за повеќе општински комитети, а еве, сега сум и член на Извршниот комитет на партијата.

 

Извесен период бевте претседател на УМС. Дали имавте амбиции да бидете претседател на УМС со полн мандат?

ДИМОВСКИ: Малку повеќе од половина година бев претседател на Унијата на млади сили. Кон крајот на 1994 година по бојкотот на парламентарните избори од страна на ВМРО-ДПМНЕ, во општинските комитети, кај подмладокот, почна да расте незадоволството од тогашното актуелно раководство на УМС, на чело со Робертин Љушев. Тоа незадоволство ескалира во 1995 година, а како резултат на тоа дојде до промена на тогашниот претседател и на целиот Извршен комитет на УМС. На предлог на повеќе општински комитети Централниот комитет донесе одлука да ме именува за вршител на должноста претседател на Унијата на млади сили со мандат од шест месеци и единствена задача – да ја реформирам младинската организација. Заедно со Зоран Петрески, Рубин Двојаков, Горанчо Јовановски и Атанас Стамнов, но и Игор, Гоце, Пеце, Ванчо, Снеже, Томе, Марјан, Илија, Кире… успеавме. За шест месеци ги поминавме и ги одржавме состаноци со сите општински и повеќето месни комитети на УМС. Во некои од тие комитети ги охрабрувавме актуелните раководства кои дотогаш работеле добро, во други пак именувавме в.д. раководства, но во сите успеавме да го кренеме моралот кај младите и да изградиме победнички дух, кој подоцна, на локалните избори во 1996 година се покажа како еден од најважните фактори за победа. По завршувањето на овој процес и задачата која ми ја имаше доверено Централниот комитет како в.д. претседател, свикав седница на која се избра новото раководство на УМС, на чело со Зоран Петрески. Во тоа младинско раководство јас бев потпретседател.

Моите амбиции беа да останам како дел од раководството на младинската организација, каде што ќе се вложам себе си целосно, но не и да останам нејзин претседател. Во тоа време бев посветен на студиите и мојата амбиција тогаш беше еден ден да станам асистент на факултетот. Но, од денешна перспектива, очигледно повеќе сум бил посветен на партиските активности отколку на личните амбиции.

 

Во последно време, еден од луѓето кои погоре ги споменувате јавно ве критикува и ве напаѓа. Колку има вистина во обвинувањата на Филип Петровски кон вас?

ДИМОВСКИ: Вистината е дека јас сум бил предмет на следење на тајните служби уште од 1992 година, како средношколец во беровската гимназија, од самиот почеток на мојот политички ангажман. На 16 години веќе ми воделе досие за македонски национализам. Службата за државна безбедност во Берово, мојот роден град, ме водела под кодно име „Ученик“ следејќи ги сите мои активности и во средното училиште и надвор од него. Понатаму, во 1994 година, кога веќе дојдов да студирам во Скопје, досието од службите во Берово е препратено во Скопје, каде што добива ново кодно име – „Стипендист“. Под тоа кодно име ме воделе сѐ до почетокот на студентските протести во февруари 1997 година, на кои бев еден од водачите, па моето досие добива нова димензија – безбедносно сум осомничен не само за македонски национализам туку и за политички екстремизам, па добивам ново кодно име „Глумец“, а под тоа кодно име наводно и ми е затворено досието по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 1998 година. Сите овие податоци ги дознав негде пролетта 1999 година, кога овие досиеја станаа јавно достапни и на мое барање од Министерството за внатрешни работи добив дел од моето досие. Интересен беше податокот дека ми дадоа 126 листа досие, но на секој лист имаше рачно напишана број во горниот десен агол, а последен беше 798, што претпоставувам е бројот на страници што ги содржело целосното досие. Во страниците кои ми ги дадоа, имаше мои телефонски разговори со мои пријатели, со моите родители, извештаи од мое следење и од тоа со кого сум се среќавал во одреден ден, извештаи од мои разговори со луѓе со кои сум пиел кафе, итн. Во некои од транскриптите на тие телефонски разговори, но и од разговорите што сум ги водел очи во очи со разни луѓе, мои пријатели или познаници, си ги имам читано моите зборови како сум го напаѓал тогашното партиско раководство за бугарофилство, нешто што јавно го направив и на седница на централните комитети и на партијата и на Унијата на млади сили, кои се одржаа крајот на август и во почетокот на септември 1997 година. Интересен факт е дека во тие документи имаше и наредба потпишана од тогашниот директор на службата, за спроведување  оперативна мерка „Феникс“ врз мене, односно 24-часновна фото, фоно и видеодокументација. Значи, вистината е дека повеќе години сум бил предмет на сериозен интерес за службите, осомничен за македонски национализам и политички екстремизам, осомничен дека сум некој кој на шеснаесет, седумнаесет, па сѐ до дваесет и четиригодишна возраст, со своето делување и начин на размислување, претставува опасност по тогашниот државен врв и политички поредок, а не нивни соработник.

Димитар Димовски, Студентски протести, февруари 1997 година

Впрочем, пред две години заврши еден процес, лустрација, спроведуван од страна на Комисијата за верификација на фактите. Колку што знам, оваа комисија ги извади на тапет сите оние кои биле соработници на службите и нивните имиња јавно беа соопштени. Во периодот додека работеше таа комисија, јас бев владин функционер, именуван за член на Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности и таа функција ја вршев 5 години. Ако имало каков било аргумент дека јас сум бил соработник на тајната служба, сигурен сум дека моето име ќе било во друштво на имињата кои јавно беа прогласени и објавени како соработници на тајните служби.

Од сево ова, лесно ќе извлечете заклучок дека јас сум бил жртва на службите, нивни непријател, а не некаков нивни соработник. Уште помалку ми бил даден стан или сум добил некаков финансиски надоместок од тие служби. Сепак, добро е што луѓето кои ме познаваат од тој период, ги знаат работите и знаат кој ја зборува вистината, а кој се обидува да оцрни друг. Со речиси сите тие луѓе кои ги познавам од тоа време, ден-денес контактирам и сум пријател со нив.

Димитар Димовски, на изборот на претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ

Што се однесува до Филип Петровски, ние бевме цимери и другари, делевме заеднички стан, делевме храна, заедно одевме по дискотеки. Едноставно, бевме неразделни во тој период. Јас не сум човек од кого ќе слушнете лош збор за некој со кого сум делел парче леб, за некој со кого заеднички сум страдал. Тој за мене секогаш ќе остане цимер и ќе го памтам само по убавите работи кои сме ги делеле и поминале заедно и од срце му посакувам да успее да ги надмине сите проблеми и стравови со кои се соочува, без разлика на тоа што го тој го зборува за мене.

 

Сега сте член на Извршниот комитет. Што преставува за  вас членството и поради кои причини прифативте да бидете дел од ова највисоко политичко тело?

ДИМОВСКИ: Да се биде член на Извршниот комитет на партијата е вистинска гордост и чест и еден вид признание за моите досегашни долгогодишни политички активности. Но, истовремено е и силен предизвик и голема одговорност, особено имајќи ги предвид сериозноста на проблемите со кои се соочува државата и времето во кое ова раководство на партија работи.

Ова се тешки времиња за нашата татковина. Има ли поголема причина да прифатам да бидам дел од највисокото партиско раководство, од тоа дека со моите активности ќе можам од едно друго ниво да се спротивставам на уништувањето на државните и националните интереси на Република Македонија од страна на оваа ненародна власт? Јас сметам дека ова е повеќе од доволна причина и дополнителен мотив да ја оправдам довербата која ми ја дадоа претседателот и Централниот комитет на партијата.

Овие неколку месеци наназад сме сведоци дека Република Македонија поминува низ најголемите искушенија од нејзиното осамостојување, кои се предводени од насилно инсталираната влада и неуставно избраниот претседател на Собранието. Поминуваме низ период во кој нема ден без нова афера, нема ден да не назадуваме во некој процес, нема ден во кој некој гласно смее да извика „Долу влада“, а при тоа да не е повикан на одговорност или да биде казнет за тоа. Поминуваме низ период во кој осиромашувањето на народот е приоритет за власта, судството и целиот правосуден систем се распаѓаат во подаништвото кон власта, задолжувањето на владата кај банките и кредиторите ни се секојдневие и државниот долг вртоглаво расте. Поминуваме низ период во кој оваа инсталација наречена власт, е подготвена да ја разнебити македонската националност и да го уништи македонскиот идентитет. Не само што не донесоа живот, туку ја уништуваат желбата за живот кај луѓето. Му ги заматија очите на народот и му ја цицаат и последната капка надеж.

Можеби едно од крупните прашања е потребата за консолидирање на внатрепартиските структури. Има ли надеж за ВМРО-ДПМНЕ, дали сте оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го помине процесот на преструктуирање побрзо од очекуваното, што правите на тој план?

ДИМОВСКИ: Уште при изборот на последниот Конгрес на партијата, претседателот упати мошне јасна порака за ова прашање. Тој јасно даде до знаење дека е за внатрепартиско помирување и обединување и понуди широко отворени раце за секој кој ја сака и почитува партијата и оваа негова порака, је реализира и на дело. Многумина кои од различни причини беа на страна од партијата во последниот период, се вратија, тука се. Консолидирањето на партијата веќе тече од првиот ден од мандатот на новиот претседател. Овој процес структуриран во неколку фази е веќе влезен во последната фаза. Претходно се избра нов Извршен комитет и генерален секретар, се формираа сите внатрепартиски комисии и тела, се именуваше нов Извршен комитет на Унијата на жени, се избра нов координатор на пратеничката група. Во моментов течат и два огласи, од кои едниот е повик за избор на претседател на Унијата на млади сили, а вториот е за избор на претседатели на општинските комитети. Со сите активности кои ги преземаат претседателот, Извршниот комитет и генералниот секретар, консолидирањето на внатрепартиските структури и самиот процес на преструктуирање, ќе заврши многу побрзо од она што го предвидувавме. Ова дотолку повеќе, што сите ние, заедно, сега најмногу ѝ требаме на татковината. Мораме да заборавиме на нашите лични несогласувања, на различните ставови кои ги имаме по одредени прашања, да ги тргнеме суетите и личните фрустрации на страна и сите заедно, сплотени како некогаш, рака под рака, да застанеме цврсто, стаменито, како што ни доликува и да си ја спасиме државата од пропаста во која не носи актуелната ненародна  власт.

 

Каква е состојбата со членството, какви се неговите очекувања при теренските посети, што ви велат?

ДИМОВСКИ: Членството на партијата е доволно стабилно и свесно, а истовремено и информирано за политиките и чекорите кои ги презема раководството на партијата во врска со актуелните прашања. Потсекретарите и членовите на Извршниот комитет се постојано на терен во посета на општинските комитети. На состаноците се отвораат сите актуелни прашања, како внатрепартиските, така и прашањата за проблемите кои се случуваат во државата. Можам да кажам дека низ овие посети, но и зачестените седници на Извршниот и Централниот комитет на партијата, веќе успеваме да го кренеме моралот кај членството и да го оттргнеме стравот кој го всадува недемократската власт со процесите кои ги отвора за нашите членови.

Главните пораки на членството кон нас се дека ние како национална партија сме најповикани да го сопреме разнебитувањето на државата, разградувањето на националниот идентитет, распродажбата на државните интереси и руинирањето на економијата. Тоа се четирите „Р“ за кои членството од нас бара да ги сопреме. За да го направиме тоа, се погласни се барањата од членовите партијата да побара вонредни парламентарни избори.

Да се осврнеме на политичките теми, владата го завршува деветтиот месец од своето владеење. Претседателот на европската комисија Жан-Клод Јункер рече дека има спроведено историски реформи, каква е вашата оценка за нивното владеење?

ДИМОВСКИ: Каква е мојата оцена за нивното владеење? Кога би биле во ситуација јас да сум професор, а тие студенти, со сѐ ова што го направија и го прават, не би им дозволил ниту во дворот на факултетот да влезат, а не пак да се појават на испит. Сѐ што прави оваа инсталација од власт е спротивно на секоја демократска норма, спротивно на секоја економска логика, спротивно на секое политичко однесување, спротивно на сѐ што е нормално. За какви реформи зборуваме? За реформата на денот на закројување на лозјата премиерот да закројува на црвен тепих? Или за свечено отворање на автобуска постојка во ГТЦ? Единствените реформи во областа на економијата кои се видливи се во делот на овозможување на лично богатење на високи владини функционери и овозможување на одредени групи преку рекет и уцени да се збогатат, како и падот на скалата за перцепција на корупцијата за 17 места од претходната година. Во делот на демократизацијата на општеството и реформите во судството, единствена реформа што ја направија е инсталирање на роднини и лични пријатели во правосудниот систем и држење на невини луѓе по затворите, а ослободување на разно-разни криминалци. Во делот на надворешната политика, единствени реформи се откажувањето од македонскиот јазик и македонското малцинство во соседна Бугарија и напрегањето од петни жили да ѝ угодат на Грција и на нејзините нездраворазумски барања за самопоништување на македонскиот идентитет. И ова е една од „поисториските“ реформи. Тука, во делот на надворешната политика, дополнително може да се набројат и срамотењето на Република Македонија од страна на премиерот и неговите соработници преку нивните јавни настапи и учество на разно-разни настани, но и однесувањето на вицепремиерот како да е член на влада на друга, соседна, земја. Девет месеци се повеќе од доволен период за да се постават контурите на реформите и тие да почнат да се спроведуваат. Каде гледате некоја позитивна реформа? Во здравството, во образованието? Во социјалната политика – за ранливите категории, за стечајците, за пензионерите? Во економијата – во зголемувањето на личните приходи и права на работниците? Во правосудниот систем, каде што се поставуваат судии и обвинители по мерка на власта? Каде? Сѐ што ветија и кажаа – излажаа. Во овој момент, со начинот на кој владеат, се случува најголемиот социјален и економски егзодус на македонскиот народ. И брзо ќе дојде времето кога ќе одговараат за ова сестрано велепредавство кое го спроведуваат.

Господинот Јункер е очигледно неинформиран или излажан за тоа што прави оваа влада и што се случува во нашата држава. Верувам дека тоа е причината заради која тој изјавува дека кај нас се случуваат историски реформи. Овие реформи секако ќе бидат запишани и запаметени во историјата, но само по злото кое власта го спроведува врз сопствениот народ и нашата држава.

Името е една од најжешките теми, очекувате ли решавање на ова прашање во скоро време и каков би бил според вас исходот од таквите преговори на владата?

ДИМОВСКИ: Името на Република Македонија е жешка тема од нашето осамостојување, не е нешто ново. Интересен е фактот дека овој вештачки креиран проблем од страна на нашиот јужен сосед и одредени негови поддржувачи, се актуализира во периодите кога на власт кај нас е СДСМ. Тие еднаш го почнаа „решавањето“ на проблемот со името, па еве во ОН сѐ уште се водиме под името кое беше нивно решение. Го решија и знамето. Сега, треба да си ја завршат задачата и конечно до крај да го решат не само името, туку воопшто сѐ што кај нас е поврзано со Македонија и македонското.

Јасен и јавен е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за ова прашање. Ние, како национална партија сме најповикани да не дозволиме уништување на националниот идентитет и самобитие на македонскиот народ. Многупати јавно сме кажале и еве сега ќе повторам, дека нема да дозволиме промена на Уставот на Република Македонија со цел промена на името. Тоа е нашата црвена линија и од неа нема да отстапиме. За жал, повеќе од очигледно е дека актуелната неспособна власт нема црвени линии за ова прашање. Напротив, тие толку многу се изгубија во ставовите и делувањата, што мислам дека самите ќе распишат предвремени избори само да можат да се извлечат од живиот песок во кој заглавија.

 

Законот за јазици ВМРО-ДПМНЕ го блокираше со над 30 илјади амандмани, зошто сте против негово донесување и како ги коментирате извесните најави дека тие амандмани нема да бидат ставени на дневен ред од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери?

ДИМОВСКИ: Тоа што инсталираната власт го гледа како блокирање, за нас е спротивставување на донесувањето на овој закон. Постои сериозен сплет причини зошто сме против донесувањето на овој закон. Да не ги повторувам сите, ќе набројам само неколку. Како прво, овој закон е спротивен на Уставот и ние како политички чинители сме должни да спречиме противуставно дејствување во која било форма и од кого било во државата. Како второ, шверцувањето при носењето на овој закон со ставање на европското знаменце, кое е со единствена цел да се изгласа во итна постапка и со просто мнозинство, не може да дерогира закон кој е донесен со двотретинско мнозинство, па оттука ние сме должни да се спротивставиме на секоја таква ситуација. Понатаму, со донесувањето на еден ваков закон, се урива веќе поставениот уставен концепт на мултиетничка држава, при што се создава една нова, бинационална држава. За крај, но секако не последна причина, сметам дека со донесувањето на еден таков закон, државата ќе биде втурната во една друга, сосема неизвесна димензија, која може да биде поразителна за понатамошното постење на Република Македонија во суверенитетот, територијалниот интегритет и границите во кои сега опстојува.

Нелегитимно поставениот претседател на Собранието Талат Џафери треба да биде свесен за своите постапки и дека сите одговараме за тоа што го правиме. Ако одлучи да не дозволи да се одвива амандманска расправа предвидена и со закон и со Деловникот на Собранието, тој само ќе го затвори поклопецот на бурето во кое ненародната власт ја дави демократијата во државата и само ќе ја констатира смртта на демократијата во Република Македонија. Кога сме кај Талат Џафери, би го потсетил Уставниот суд дека негова главна функција и причина за постоење е заштита на уставноста на сите аспекти во државата, па оттука и ги повикувам што поскоро да донесе одлука по иницијативата за неуставниот избор на претседател на Собранието.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ често знаат да кажат дека има политички терор врз неистомислениците, тоа е тешко обвинување. Според вас што опфаќа тој политички терор?

ДИМОВСКИ: Тој политички терор е повеќе од очигледен. Погледнете го само држењето во неоснован притвор на луѓето кои се казнети на овој начин само заради тоа што гласно се спротивставиле на уривањето на уставноста на државата. Овој политички терор се гледа во бркањето од работа на стотици луѓе, за кои власта смета дека не се нивни поддржувачи, поднесувањето на неосновани кривични пријави и монтираните судски процеси против членови на партијата, незаконското работење и отворањето нови постапки од страна на Специјалното јавно обвинителство, повикувањето на информативни разговори на луѓе кои изразиле став на некоја од социјалните мрежи, медиумскиот мрак кој се спроведува против партијата, со необјавувањето на нашите ставови… Ги има во огромен број овие примери, нема доволно простор за да се набројат сите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top