четврток, 20 септември 2018 | Вести денес: 69 ново

Наградата „Балкански мостови“ за филмот на Дарјан Пејовски „Три дена во септември“ на Фестивалот во Фиренца

Наградата „Балкански мостови“ е специјална награда која од оваа година им се доделува на режисерите на долгометражни и документарни филмови кои пред сè успеале да ги зајакнат човековите права во своите филмови

„Три дена во септември“ во режија на Даријан Пејовски ја доби наградата за најдобар филм на филмскиот фестивал Balkan Florence Experience кој се одржа по 6-ти пат во Фиренца, Италија од 22 до 25 февруари, известија од „Скопје филм студио’, кое е еден од копродуцентите на филмот.

Наградата „Балкански мостови“ е специјална награда која од оваа година им се доделува на режисерите на долгометражни и документарни филмови кои пред сè успеале да ги зајакнат човековите права во своите филмови. Жирито составено од филмски критичари и експерти од Балканот одлучи оваа награда да му припадне на „Три дена во септември“ на режисерот Пејовски.

Фестивалот преставува преглед на најдобрата и најновата продукција на документарни и долгометражни филмови од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија. Филмовите кои се прикажуваат се избрани во соработка со: Здружение на режисери во Босна и Херцеговина (Босна и Херцеговина), Синедејс (Македонија), Хрватски државен архив (Хрватска), Документарен кинокадрант (Србија), Фестивал за слободна зона (Србија), Филмски фестивал во Приштина), Рестарт (Хрватска), Сараевски филмски фестивал (Босна и Херцеговина), Меѓународен филмски фестивал во Тирана (Албанија).

Пејовски се потпишува и како сценарист на филмот, заедно со Игор Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски.

„Три дена во септември“ е копродукција помеѓу Скопје Филм Студио и Иконе Студио од Косово, а проектот беше поддржан од страна на Агенцијата за филм на РМ и Косовскиот кинематографски центар.

В петок, на 2 март, во 18 часот во Кинотека на Македонија е закажно прикажување на „Три дена во септември“.

„Три дена во септември“ е психолошки трилер, во кој двата главни женски ликови, преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми. Бегајќи од своето минато, Марика ја запознава Јана, која патува кон куќата од нејзиното детство, сместена во изолиран планински крај. Тоа е совршено засолниште за Марика, се додека не се појави локалниот полицаец Генц, кој ќе поттикне сомнеж за вистинските намери нa двете жени.

Главните улоги во филмот ги играат Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски и Адем Карага, додека во епизодни улоги настапуваат и Милица Стојанова, Салаетин Билал, Александар Микиќ, Горан Трифуновски и Кирил Коруновски од Македонија и Фатос Крејзиу, Ментор Зимберај и Блерим Ќериќи од Косово.

Заедно со режисерот Даријан Пејовски и косценаристот Игор Иванов на филмот работеа и Димо Попов – кинематографер, Емилија Ивановска Атанасовска – костимограф, Снежана Поњавиќ Муча – сценограф, Симона Ристевска – шминка, Александар Пејовски – композитор на музика, Игор Поповски – дизајн на звук и Владимир Павловски – монтажа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top