среда, 19 септември 2018 | Вести денес: 0 ново

Предупредување: Чувајте ја фискалната сметка шест месеци

Кога ќе купите облека или обувки, чувајте ја фискалната сметка шест месеци, зашто таа е како гарантен лист за нив, советува Организацијата на потрошувачи на Македонија откако голем број граѓани се желеле од инаетот на трговците кои одбиваат да ги заменат или да ги вратат парите за овие производи во ситуации кога се купени со тешко видлива грешка или се оштетени по малку носење.

Од ОПМ информираат дека лани имале голем број јавувања од граѓани кои се пожалиле дека во продавница одлиле да им заменат оштетени чевли или облека, со образложение дека се отпакувани или се познава дека се носени.

– Чувајте ги фискалните сметки од овие производи. Иако не е издаден гарантен лист како кај техничките производи, согласно законот тие имаат шест месеци гаранција со самата фискална сметка, информираат од ОПМ и се повикуваат на членот 50 од Законот за заштита на потрошувачите, кој предвидува враќање на производот и замена со друг, односно за враќање на парите.

Сепак, најголем кошмар на македонските потрошувачи и понатаму останува купувањето техничка стока со фабричка грешка. Иако постои јасна регулатива за тоа што треба да направи трговецот кога ќе добие рекламација за фаличен апарат, купувачите, сепак, поминуваат низ вистинска голгота додека да добијат исправен производ. Како претходните години, така и сега, во ОПМ граѓаните најмногу се жалеле токму на тоа што трговците не им ги заменувале техничките производи купени со недостатоци и на тоа што им продавале неквалитетни производи, кои веднаш пројаваат недостаток.

„Најголем број од овие проблеми се однесуваат на сервисирањето на технички производи. Предничат проблемите со мобилните телефони, за кои има највеќе поплаки во однос на сите други, согласно статистиката. Пред се се работи за континуирани сервисирања на еден ист производ и повеќе од три пати за кој потрошувачите тврдат дека има фабричка грешка, односно дека не може да се поправи поради тоа што недостатокот континуирано се појавува, или за случаи кога мобилниот телефон кој го добил потрошувачот се расипал во првите неколку часа од употребата. Потрошувачите велеа дека одбиваат апаратот да се сервисира и бараат нов производ од трговецот, но не можат да добијат“, се наведува во Извештајот на ОПМ за 2017 година.

Незадоволен потрошувач за “Вечер” раскажува дека морал да помине многу непријатно патешествие, за конечно да добие мобилен телефон што функционира, откако тој што го купил, покажал мани уште во продажниот салон.

– Во салон на мобилен оператор купив мобилен телефон. Го платив, ја земав сметката, го вклучив и додека одев кон излезот го разгледував, а тој уште пред да дојдам до вратата, се блокира. Се вратив кај продавачот на пултот, му го покажав апаратот, но тој не сакаше ни да чуе да ми го замени. Ме упати кај овластениот сервисер кој се наоѓа на другиот крај на градот, зашто наводно телефонот сум го добил проверен, исправен, а бидејќи се уште е под гаранција, мора да оди на сервис, вели потрошувачот.

Тој додава дека истиот апарат го носел на сервисирање неколку пати во гарантниот период, па функционален мобилен добил дури неколку месеци откако го купил. По толку поправки, нашиот соговорник се сомнева дека платил нов, а добил стар, репрариран мобилен телефон.

Од ОПМ посочуваат дека освен за ова, граѓаните често им се јавуваат за да се пожалат дека купиле механички оштетен апарат за домаќинство, кој продавачот не сакал да им го замени. Затоа, им советувааат на граѓаните да не потпишуваат дека го примиле се додека не го отпакуваат и не видат дека е во ред.

– Меѓу другото, со тој потпис потврдуваат дека производот е добиен во исправна состојба без оштетувања. Ова се случува поради неповолната положба во која е ставен потрошувачот. Во брзање тој не проверува дали навистина производот е исправен и неоштетен, па потпишува верувајќи му на трговецот, односно на доставувачот. Најголем дел од случаите се однесуваат на големи производи од бела техника или други технички производи како на пример телевизори, машини за перење и друго, информираат од ОПМ.

Во текот на минатата година имало и доста поплаки за неквалитетно изработен мебел, но и за негова неиспорака во договорениот рок. Од Организацијата на потрошувачи ги информираат граѓаните дека според нашата регулатива, ако мебелот не се испорача во договорениот рок, договорот се раскинува по сила на закон.

Во ОПМ примаат и голем број поплаки и за услугите. Потрошувачите најмногу се жалат на туристичките патувања, но измами во тој дел има помалку од порано, а не стивнуваат јавувањата за сметките што ги добиваат од мобилните оператори, а од лани има поплаки и за проблеми со мрежното покривање, нефункционирање на СИМ картичката, проблеми при менување на тарифата и друго.

– Паушални сметки и наплатување на заостанати долгови беа најчестите проблеми со испораката на електрична и топлинска енергија. Нередовното читање на мерните апарати придонесе за голем број на паушални сметки кои според тврдењата на потрошувачите се многу поголеми од просечната потрошувачка на тоа семејство, велат од ОПМ и додаваат дека не изостануваат и вообичени поплаки во врска со купена храна, функционирање на куќните совети, користење на банкарските услуги.

Инаку, во текот на 2017 година, Организацијата на потрошувачите на Македонија направила вкупно 1.816 советувања на потрошувачи, од кои најголемиот број телефонски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top