среда, 19 септември 2018 | Вести денес: 103 ново

Игор Божиновски: СДСМ спроведува вистинска репресија врз медиумите и медиумскиот простор (видео)

Во просториите на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ денеска се одржа прес конференција на која се обрати Игор Божиновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Во продолжение го пренесуваме интегралниот текст од обраќањето кое се однесува на слободата на говор која беше ветувана од СДСМ, а наместо тоа се донесуваат пресуди за затвор.

Почитувани,

На медиумите во Македонија им беше ветуван живот откако СДСМ и Заев ќе дојдат на власт, а наместо тоа добија затвор. Добија затвор, во вистинската смисла на зборот!

Наместо почитување на правото на слобода на говор и критика, сведоци сме на обиди за цензура и изречени затворски казни за напишан текст.

Вчера видовме дека судот изрекол ефективна казна затвор во времетраење од три месеци или условно од една година, за текст во неделникот “Република”, насловен “6 милиони евра за платеничката револуција на Сорос”. Преседанот да биде поголем, не постои демант дека било кои од податоците што се објавени во текстот се неточни. Апсурдот да биде поголем, од Република тврдат дека ниту еднаш не се повикани на судско рочиште, а казната затвор е веќе изречена.

Почитувани,

Ваквата пресуда е срам за државата. Јавноста мора да знае кој ја нарачал и мора да се бара одговорност.

Репресијата, цензурата и притисоците сега се насочени кон критички настроените медиуми, но пораката за заплашување се испраќа до сите.

ВМРО-ДПМНЕ го осудува притисокот врз медиумите.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува новинарските организации во Република Македонија, меѓународните новинарски здруженија, ОБСЕ, ОДИХР и меѓународните претставници во Република Македонија да го осудат овој терор врз медиумите.

Граѓаните на Република Македонија сакаат да живеат во демократија. СДСМ ја загрозува нашата ЕУ и НАТО интеграција и го загрозува напредокот и развојот на општеството во  целост со ваквите чекори.

Во Република Македонија под власта на СДСМ е поткопан еден од столбовите на демократијата – независното и слободно новинарство.

Слободата е загрозена. Слободата на говор нарушена. СДСМ спроведува вистинска репресија врз медиумите и медиумскиот простор. СДСМ преку притисок сака да ги заплаши и стави под своја контрола медиумите.

Власта сака да го замолчи секој еден критички настроен медиум и личност. Власта со оваа постапка покажува дека сака да спроведе тотално едноумие.

Ветуваа демократија, слобода за медиумите донесоа страв и цензура.

Цензура и притисок врз медиумите не смее да има. Притисокот врз медиумите не смее да стане наше секојдневие. Република Македонија е демократска држава и заслужува слободни медиуми кои ќе ја информираат јавноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top