петок, 21 септември 2018 | Вести денес: 115 ново

Ципрас: Новото име треба истовремено да биде и уставно име на соседната земја

Името за кое што ќе се договориме ќе треба истовремено да биде и уставното име на соседната земја, за што предуслов е ревизија на Уставот, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на прес-конференцијата во Брисел по завршувањето на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, Ципрас рече дека ставот на Грција е дека треба да се реши долгогодишниот проблем, но „со одржливо и стабилно решение што ќе се потпира на цврсти темели“.

– Грција бара едно решение ерга омнес, односно едно решение со јасно обврзување за едно име што ќе се користи за сите, како за надворешна така и за внатрешна употреба, факт што значи дека ќе треба името за кое ќе се договориме да биде во исто време и уставното име на соседната земја, нешто за што е неопходна уставна ревизија – објасни грчкиот премиер, повторувајќи ги грчките позиции, кои ѝ ги пренел и на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика.

Според Ципрас, Македонија е таа која што брза да се реши проблемот бидејќи станува збор за „егзистенцијално прашање од егзистенцијално значење“ за европската перспектива на земјата.

Во однос на временскиот рок за решение до НАТО Самитот во јули, Ципрас рече дека Грција не се брза, ниту пак е под притисок за решение.

– Никој не нѐ брза, никој не нѐ притиска, не брзаме. Наша е иницијативата да го решиме проблемот што, според нашето мислење ѝ тежи на надворешната политика на земјата -, рече грчкиот премиер, одговарајќи на новинарско прашање и додаде дека не е 2008 година за да има притисоци за членство во НАТО.

Во однос на улогата на Ердоган во регионот, по последната посета на македонскиот претседател на Турција, Ципрас рече дека европската перспектива на Скопје поминува преку Атина, а не преку Анкара.

– Треба да сфатат нашите соседи, мислам дека тоа го има сфатено премиерот на земјата, треба да го разберат сите политички сили, дека европската перспектива и зајакнување на стабилноста во соседната земја, не поминува од Анкара поминува од Атина. Не треба изнаоѓањето решение да го бараат во Анкара. Бараат европска перспектива, прават грешка ако тоа го бараат од Анкара – рече Ципрас, пренесува МИА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top