вторник, 19 јуни 2018 | Вести денес: 2 ново

Дачиќ: Пологично е САД да го повлечат признавањето отколку Русија да го признае Косово (видео)

По повод изјавата на косовскиот претседател Хашим Тачи дека со руското признавање Србија би се откажала од „лажната митологија“, Дачиќ на конференција за новинарите со министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров кажа дека големоалбанската реторика е најголемата закана во регионот.

„Пологично би било САД и Велика Британија да го повлечат признавањето на Косово и тоа би влијаело врз намалувањето на големоалбанската реторика која претставува најголема закана во регионот“, кажа Дачиќ.

Лавров кажа дека Русија го изнела својот став околу прашањето на Косово и дека изјавата на Тачи не може да го смени тоа.

„Тој, како и повеќето политичари во Приштина, треба да се бави со своите проблеми, а особено со фактот што се обвинети за вршење воени злосторства“, кажа Лавров и повтори дека Русија останува верна на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН „за разлика од некои европски земји“.

Дачиќ ѝ изрази благодарност на Русија на постојаната поддршка која Москва ја пружа на Белград во спорните теми, меѓу кои и зачувувањето на територијалниот суверенитет и интегритет и прашањето на Косово.

„Јас ја сакам Русија, но затоа што ја сакам Србија. Секој што работи против нашите врски со Русија директно работи против интересите на Србија и српскиот народ“, кажа Дачиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top