недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 69 ново

Павлопулос повторно побара име без иредентизам и промена на македонскиот Устав

Промена на Уставот и изнаоѓање име во кое нема да има траги од иредентизам во однос на границите, националноста и јазикот, се предусловите кои Македонија треба да ги исполни доколку сака да се интегрира во НАТО и Европската Унија, смета грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос.
Павлопулос, на почетокот од средбата со ирскиот претседател, Мајкл Хигинс, говореше за грчките национални прашања, за Кипар, Турција и Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Атина, грчкиот претседател повторно рече дека актуелното име на нашата земја, „зрачи со иредентизам, брутално ја фалсификува историјата, има иредентистички корени и затоа го прекршува европското законодавство“.
-Постои еден начин за поранешната југословенска Република Македонија да оди напред кон НАТО и Европската унија. Прво, претходно да го промени уставот. Второ, кое име и да го избере, да нема трага од иредентизам. Дали во однос на границите, дали во однос на националноста, дали во однос на јазикот- рече Павлопулос на средбата со својот ирски колега Хигинс.
Грчкиот претседател на гостинот му објасни дека Македонија прво „треба да се усогласи со меѓународното право, европското законодавство и историјата“, а потоа ќе добие поддршка од Грција за евро- атлантска интеграција.
-Драго ми е што Жан Клод Јункер пред неколку дена, истакна нешто што е јасно за секоја држава – кандидат за членка во Европската унија. Дека прво ги решаваш проблемите, а потоа влегуваш во Европската унија. Не може ЕУ да стане театар за решавање на разликите, особено за разлики што се во фантазијата на некои, додаде грчкиот претседател – пренесува МИА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top