недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 68 ново

Каменос: Ќе направам се за да не се даде името Македонија

Коалицискиот партнер во грчката влада, министер за одбрана и лидер на Независни Грци, Панос Каменос, вели дека не се согласува со тоа како владата го води прашањето со името и ќе направи сѐ за да не се даде терминот Македонија.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, на расправата во грчкиот парламент за случајот со фармацевтската компанија „Новартис“, Каменос го спомена и прашањето со името.

– Секако дека не се согласувам со владата и со тоа како управува во прашањето за името Македонија, тоа го имам јавно кажано, и ќе направам сѐ за да запрам да не се даде терминот Македонија и секако дека нема да гласам, рече Каменос во неговиот говор.

Додека тој говореше, лидерот на Сојуз на централисти, Василис Левендис му дофрлуваше од пратеничкото столче, на што Каменос му се обрати, изразувајќи убедување дека прашањето за името нема да стигне во грчкиот парламент.

– Нема да дојде за гласање, господине Левендис, нив им требаат 10 години за да ги направат уставните промени, порача лидерот на Независни Грци и коалиционен партнер во грчката влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top