недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 68 ново

Христина Тарабунова, сликарка: За мене 13 не е баксузен број!

Нашиот народ е препознатлив по својата хуманост. Мојата желба е тоа така и да остане, обединети, да му овозможиме подобро и понасмеано утре на себе и својот сограѓанин.

“Златна рипка” е името на самостојната, доброволната, невладина и непрофитна фондација која е основана во 2014 година за исполнување на желби, преку донации наменети за дечињата кои боледуваат од тешки болести на возраст од 3 до 16 години. Сместени во просториите на Детската клиника, нивната цел и задача е насочена кон збогатување на детското искуство со надеж, сила и радост, a Христина Тарабунова одлучила да биде дел од нив. Таа е вистински вљубеник во музиката, уметноста, модата, патувањата и искрените луѓе. Вели дека многу е гласна кога гледа неправда.

Родена во Скопје, на 27.09.1987 година како насмеано дете. Растена покрај баба и дедо со многу бисери и мудрости. Своето основно обраование го завршува при О.У. “Лазо Трповски” – Скопје, каде почнала да учествува на уметнички конкурси и добивала награди на истите. Спортот е нејзината друга негувана страна. Како член на јуниорскиот одбојкарски тим “Кометал Студент” присутна е до запишувањето на нејзиното средно образование во гимназијата “Георги Димитров” – Скопје. Подоцна, своето образование го продолжува на “Факултетот за туризам” – Скопје, како студент, дел од првата генерација туризмолози, а веќе во 2016 година, се стекнува со титулата Магистар по туризмологија при првиот, приватен “Универзитрет за Туризам и менаџмент” – Скопје.

Својата прва изложба “Les yeux de la mama” ја прави на 22.12.2016 година во концептуалната продавница “Wonderlust” во Скопје како колаборација со нејзиниот многу драг пријател, младиот и талентиран уметник, Крсто Анастас Глигорјадис, каде како извор на инспирација ги води погледот на секоја мајка преку надреално представени дела.

Денес Христина живее и работи во Скопје, во Туристичкиот Информативен Центар на Град Скопје и WVP акционерско – брокерско друштво, меѓутоа, нејзината енергија е неисцрпна, па така таа ја подготвува својата втора, самостојна, продажна изложба, насловена како “Оној кој ќе зачува живот, го чува целиот свет – 13 причини зошто” која треба да се оддржи на 29 Април (Светскиот ден на желбата) во кафе барот Излет, поддржана од страна на Фондацијата “Златна рипка” со што ќе се истакне хуманиот карактер на овој настан. Токму по овој повод разговаравме со Христина…

Изложбата која ја подготвувате е насловена „Оној кој ќе зачува живот…“. Кажете ни нешто повеќе за неа?

– Во сите нас е изворот на животот. Денес е особено важно да ги негуваме вистинските вредности, бидејќи, ќе го цитирам прерано заминатиот српски актер, мој омилен,  Небојша Глоговац: „Време пацова још траје“ (“Vreme pacova jos traje!”). Само така можеме да станеме духовно зрели, и да размислуваме и донесуваме одлуки. Нашиот народ е препознатлив по својата хуманост. Мојата желба е тоа така и да остане, обединети, да му овозможиме подобро и понасмеано утре на себе и својот сограѓанин.

Зошто ваков наслов? Како може да се зачува живот според Вас?

Имам многу за набројување, но, еве мои совети би биле: да му се насмеете на огледалото наутро, да пробате да разберете дека не сте едниствените на планетава Земја. Нашата граѓанска должност е да бидеме здрави, да бидеме добри кон блиските, кога можеме да помогнеме, да направиме се што мислиме, и ако не можеме, да не одмагаме. Да не лажеме, да пешачиме, да читаме, да љубиме. Да не се убиваат и трујат животните, да се променат закони, политичарите да не се толку лакоми, да се легализира или во најмала рака, декриминализира марихуаната, да се јаде здрава храна, да се работи…. моите желби немаат граници, па ме поттикнуваат да размислувам дека ништо не е невозможно.

Најавено е учество и на други уметници и музичка програма. Кои уметници ќе учестуваат со колку дела и мои музичари ќе бидат дел од проектот?

Токму надежта и мислата за остварување на желбата, преку дружење и разговор, не поттикна да заклучиме дека овие хуманитарни активности се многу важен сегмент од нашето живеење. Нема секој исто и неможе секој исто. Затоа и решив да ја споделам мојата позитивна мисла со неколку млади, здрави луѓе, во умот и душата, па ги поканив да учествуваат, а тие веднаш се согласија, со иста радост како мојата. На списокот ги ставив: Благородна Коцева Симјанов, Михаела Алексовска, Марија Домазетовска, Елена Ристовска, Елена Кичевска, Снежана Донева Грбич, Крсто Анастас Глигорјадис …. мои многу драги луѓе, што незначи дека немам уште некои на ум или пак дека помалку ја ценам работата на останатите. Да не заборавам ги споменам спонзорите, кои несебично го поддржаа мојот проект, како и човекот со повеќе пати докажани големо срце и отворен ум, Огнен Узуновски Оги, поради што јас многу го почитувам и му благодарам што ми дозволи овој настан да го реализирам токму во неговиот кафе бар, место кое ти нуди совршено бегство од брзото живеење. За музиката нема да ви откривам детали, како љубител на електронската музика сакам да ве уверам дека ќе биде вистински мелем за уши и душа со тоа што ве поканувам сите на 29ти Април, да одвоите време за вистинско уживање и бидете наши гости.

Сметате ли дека на овој начин треба повеќе да се едуцира публиката за да донира или имаме веќе едуцирана публика?

-На едукацијата не и се ставаат бариери. Треба само да го цениме човештвото во нас. Има толку многу луѓе на планетата, различни национални и меѓународни организации, ако не си помагавме еден на друг, никогаш немаше да се кренеме ниту пак да се надеваме на опстанок. Сите наши соништа ќе беа тешко остварливи. Мораме да живееме како светлини на образованието, бидејќи кризната ситуација исполнета со страв, несигурност, неизвесност па дури и смрт, не е искуство кое било кое нормално суштество би го посакало.

Од каде идејата за ваков проект?

-Од каде идејата…. хах…. моментално поминувам низ еден многу тежок период од животот, па кога имам време да си поќутам, или јадам :))) или правам нешто креативно. Таква сум од дете. Но, единствено што не успевам до ден денес, е да ги стишам идеите. Премногу се. Кога сум сама никогаш не ми е досадно. Решив да се фокусирам и да им се посветам. Додека разгледував едни стари фотографии од Старата Скопска Чаршија, собирајќи информации за старите занаети, се сетив на мојата стрина, и на тоа дека како дете ме учеше да ткаам. Решив да се потсетам како беше, и наеднаш доживеав бура на мисли, идеи што како, па решив да го реализирам сето тоа и еве ме, спремна да ве пречекам на 29-ти април во Излет, заедно да им покажеме да дечињата дека сме покрај нив, за нивното подобро утре. Додека ви одговарам на прашањата, си потплачнувам, како што би направиле мојата тетка, мојата баба, мојата мајка … за убаво, за фала им што ме учеле да не си го скаменувам срцето.

Што значи уметноста за Вас?

Слобода!!!

Ќе изложите 13 дела. Зошто токму 13? Има ли некаква симболика во овој број, кој инаку се смета за баксузен?

Точно. Ќе изложам 13 дела, 13 причини да ве поттикнам поубаво и посвесно да живееме. Оној што ме познава навистина, ако го прашате која е Христина, ќе ви одговори дека Христина несака стереотипи, па оттаму и тоа дека се е состојба на умот. За мене 13-ка не е баксузен број, баш напротив, 13-ка е ангелски број и јас одбирам да верувам во тоа. Традиција, работа, организација и исправен суд. Интуицијата е неговата женска карактеристика. Симболиката се поврзува со атрибутите и енергиите на броевите 1 и 3. Бројот еден ги пренесува вибрациите на новите почетоци, желбата за напред, мотивацијата и прогресот, уникатноста и индивидуалноста, додека бројот 3 се поврзува со оптимизмот и ентузијазмот, комуникацијата преку себе-изразувањето, инспирацијата, креативноста и желбата за растење. Представува ангелска порака, од кармички причини за отварање на нови можности и духовен раст. Благородна промена. Впрочен, она што Христина е и посакува да биде во својата душевна мисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top