вторник, 25 септември 2018 | Вести денес: 109 ново

Повторно изби пожар во кумановската полиција: Вработените велат дека еден ден може да изгори целата зграда

Застарена електрична инсталација најверојатно е причината за пожарот што избувна вчераутро, околу 7 часот, во една од просториите на Службата за внатрешни работи во Куманово. Со присебност на вработените и со помош на противпожарната единица пожарот бил изгаснат во 7.45 часот и не се проширил на другите канцеларии во објектот.

Според информации од СВР Куманово, материјалната штета допрва ќе се утврдува, но огнот ги оштетил компјутерите, а изгорел и дел од документацијата. И од противпожарната единица во Куманово соопштуваат дека имале интервенција во СВР Куманово поради запалена канцеларија со едно возило-цистерна и петмина пожарникари.

Пред повеќе од еден месец, во кумановската полиција гореше канцеларијата на одделот за аналитика. И тогаш причина беше старата електрична инсталација, а беше предизвикана само материјална штета. Вработените велат дека пожарите се појавуваат поради преоптовареност на старата електрична мрежа поради тоа што во објектите нема централно греење, туку сите се греат на термопечки. Се плашат дека еден ден може да изгори и целата зграда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top