понеделник, 24 септември 2018 | Вести денес: 105 ново

Иван Босиљчиќ се сретна со ученици од Охрид (видео)

Учениците од ОСУ “ Св. Климент Охридски“ од Охрид беа на традиционална дводневна екскурзија до Белград, односно посета  на театарска претстава- мјузикл. Овој пат во „Теразије“ го гледаа „Зона Замфирова“ и се сретнаа со актерот Иван Босиљчиќ.

-И само со првиот чекор во тој храм на културата, мислам дека сите бевме обземени од свеченоста и раскошот на секоја просторија. И вредеа сите мигови на чекање, бидејќи од почетокот  до паузата, па сѐ до крајот, претставата беше хипнотизирачка. Да не сакаш да си дозволиш ни миг да трепнеш, не пак да ги оттргнеш очите од сцената. Мноштво од танци, песни и силно изразени емоции. Сите актери беа извонредни и на многу уникатен начин ги пренесоа и  дејството и приказната. И секој еден момент беше совршено искористен. Немаше монотонија или пак досадни делови какви што многу очекуваат кога ќе го слушнат зборот „театар”. Напротив, владееше една енергија што не можеше да објасни во ниту еден  контекст. Дефинитивно, присуството  беше едно вредно искуство, ја споделуваат радоста учениците

Во претставата „Зона Замфирова” главните улоги ги толкуваат Иван Босилчиќ  во  улогата на Мане и Ивана Поповиќ во улогата на Зона, богата девојка во која Мане бил заљубен.

-По завршетокот на претставата, ја имавме честа да го запознаеме Иван Босиљчиќ, а воедно и можност да му поставиме неколку прашања. Бевме воодушевени од неговата харизматичност, спонтаност и едноставност. На прашањето: „Кој ве инспирира да станете глумец, односно која е личноста на којашто најмногу се огледувате?”, одговорот го започна со мала приказна за тоа како почнал со актерската кариера, а потоа откри дека личноста која го инспирира е Небојша Дугалиќ, кој го глумеше таткото на Зона и дека е горд што успеал конечно да се најде со него на иста сцена. На прашањето: „Како се справувате со силните емоции на женската публика?”, одговорот беше навистина инспиративен и почесен. Рече дека во целата негова кариера не сретнал публика, не само женска, која се однесувала недостојно и претерано. Дека секогаш бил гледан од квалитетна публика и е многу благодарен за тоа.  На третото, и можеби најинтересно прашање : „Ако имате можност да одите на вечера со било кои тројца луѓе, мртви или живи, кои би биле тие?”, прво кажа дека  еден од тие тројца би сакал да биде Достоевски, кој многу го инспирирал бидејќи и Иван лично пишувал. Кажа и дека би се плашел од разговорот со него, бидејќи според него, тој бил еден од најголемите книжевни умови. Втората личност беше Тоше Проески, избор за кој заслужува огромна почит. Кажа дека навистина жали што никогаш не успеал да го запознае. За третата личност малку се замисли, но потоа одлучно рече дека то би бил Путин. Посочи дека многу ја сака и се воодушевува од руската култура, која уште повеќе ја засакал откако почнал да глуми во руски филмови, раскажуваат учениците.

Тие му подариле скромен подарок кој им го овозможил „Cooper-art“, односно Даниела Наумоска, бакрорез со ликот на охридскиот патрон Св. Климент Охридски.

извор: публицитет.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top