недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 68 ново

Ирма Башеска Ристовска, режисерка: Не беше само процес на снимање, туку и процес на запознавање на уште една страна на мојот татко

Дополнителен предизвик беше тоа што секојдневно се обидував да се дистанцирам и да се обидам да го видам како гледач отстрана и да прикажам сегменти од неговиот професионален, уметнички и приватен живот што јас како ќерка ги знам, но голем дел од јавноста не ги знае, вели Ирма Башеска, за филмот „Башески - мојот татко“.

Документарецот „Башески – мојот татко“ (33`) и краткиoт игран „13 мај“ на Ирма Башеска-Ристовска (12`) се дебитантски филмови создадени од мастер-клас програмите на професорот Владимир Блажевски, со соработник на сценарио на игран филм Дејан Дуковски на Филмската школа на „Даста Академија“.

Филмовите се во продукција на Центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ – ДАСТА АКАДЕМИЈА, а со Ирма разговаравме откако беа прикажани пред македонската публика.

Документарецот „Башески – мојот татко“ (33`) и краткиoт игран „13 мај“ (12`) се Ваши дебитантски филмови кои викендов беа прикажани. Какви се Вашите впечатоци по прикажувањето? Какви се одгласите?

– Морам да признаам дека сум многу позитивно изненадена и од бројот на посетителите и од нивните реакции. Секако дека се надевав на позтивни реакции, но не очекував дека филмовите, а особено документарецот, ќе бидат прифатени онака како што беа. Неколкумина ми пријдоа со коментар дека филмот ги допрел емотивно, некои си ги препознале домашните ситуации во филмот, а некои и комплетно се поистоветиле со нас, нашите разговори, конфликти и реакции. Тоа беше целта и неизмерно сум среќна што се покажа како успешна мисија.

„Башески-мојот татко“ е прв документарен филм за Жарко Башески, а Вие сте негова ќерка. Кажете ни како течеше снимањето? Беше ли тешко да се работи со Жарко?

– Документарецот е жива материја и никакво сценарио не брка работа, барем не во нашиов случај. Бевме убедени дека се ќе оди како подмачкано, но на крај излезе дека фактот што сме татко и ќерка не ја олесни работата многу. Иако можев да го натерам да одиме на разни локации за снимање во било кое време, иако зборувавме со часови и денови за идејата и целта на филмот, полесно беше да избувнеме и да се искараме, дури и за време на самото снимање, затоа што не чувствувавме кочници, баш затоа што сме татко и ќерка.  Дополнителен предизвик беше тоа што секојдневно се обидував да се дистанцирам и да се обидам да го видам како гледач отстрана и да прикажам сегменти од неговиот професионален, уметнички и приватен живот што јас како ќерка ги знам, но голем дел од јавноста не ги знае.

Колку Вам ви е блиска ликовната уметност? Цел живот сте опкружени со уметноста, ја живеете уметноста…Што значи таа за Вас?

– Мора да звучи премногу чудно и незамисливо, но иако сум од мали нозе опкружена со уметноста и од страна на татко мѝ и од страна на мајка мѝ, која е сликар, единствен период кога јас лично сум пројавила интерес за цртање било во моето детство и средношколските денови и потоа наеднаш престана, па целосно се насочив кон пишувањето. Мислам дека свесно или потсвесно, моите родители извршиле доволно големо влијание за да можам да проценам квалитет, имам пристап до секакви книги за уметност и ми биле пружени шанси да посетам голем број музеи и галерии. Во тоа уживам и го сакам, но за жал никогаш не си дадов шанса лично да навлезам во тој дел и да ги следам нивните стапки.

Сметате ли дека со филмот „Башески-мојот татко“ успеавте да го прикажете она што на почетокот си го поставивте како задача?  Имаше ли измени во сценариото? Во монтажата?

– Снимањето и монтажата беа авантури сами по себе. Немавме стриктно сценарио, имавме само груба замисла и идеја. Монтажата траеше прилично долго затоа што сакавме да го извлечеме најдоброто од огромниот снимен материјал кој го имавме на располагање.
Првичната идеја беше да се сними класичен портрет за уметникот Жарко Башески и неговата работа и успех. Но кога јас и тој разговаравме за снимањето заедно со камерманот и продуцентот, изби караница која беше поврзана со нашиот приватен живот. Тоа даде сосема нова насока и нѝ беше инспирација филмот да стане нешто поинакво од тоа што планиравме. Во тој момент знаевме и двајцата дека ова треба да е филм за Жарко Башески, но онака како што го гледа ќерка му. Сакам да верувам дека успеав во тоа да го прикажам и како професор и како уметник и како мој татко и како син на неговите родители и како човек со огромно работно искуство и знаење и човек кој има многу совети да даде. А во текот на снимањето сфатив дека имало голем дел за него што дури и јас, како негово дете, не сум го знаела и не сум го разбирала, па ова не беше само процес на снимање туку и процес на запознавање на уште една страна на мојот татко.

Уште еден Ваш филм беше прикажан. Станува збор за филмот „13 мај“. Што прикажува тој?

– „13 Мај“ е филм за соочување со болката, со својата и туѓата. За тоа како некои луѓе одлучуваат да се соочат со неа и колку тоа може биде поразличен, неразбирлив, тешко прифатлив и навидум груб начин. Ова е филм за донесување тешки одлуки во име на љубовта и доброто на другиот.

Што ќе снимате следно? Имате ли идеја за нов проект?

– Многу идеи, голем број започнати, а моментално ниту една комплетно завршена. Знам дека и следниот проект би сакала да биде документарец и моментално правам истражување во врска со тема која е повторно лична, но на некој начин опфаќа голем број на луѓе на моја возраст во државава. Сепак, знаејќи дека утре можам да почнам да пишувам нешто сосема ново, би сакала да остане изненадување, како за другите, така и за мене лично.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top