недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 3 ново

Група македонски интелектуалци бара прекин на преговорите за името: Свртете се и погледнете го сопствениот двор

Oколу 200 македонски интелектуалци на чело со професорките Билјана Ванковска и Гордана Силјановска упатија отворено писмо до политичките лидери бидејќи се длабоко загрижени и вознемирени од начинот на кои се водат преговорите.

Преку отвореното писмо бараат лидерите да ги прекинат преговорите и да признаат дека немаат елементарна стратегија.

Во продолжение прочитајте ги барањата наведени во отвореното писмо:

1) Да престанете со пропагандата дека постои национален консензус и дека преговорите се водат „само“ за промена на името на државата. И на обичниот човек му е јасно дека станува збор за македонскиот идентитет, нашиот овде и оној на Македонците што се малцинство не само во Република Грција, туку и во другите соседни земји.

2) Да признаете дека немате ниту елементарна стратегија или изградена позиција за ова прашање! Бараме веднаш да почнете консултации околу пристапот којшто упорно се обидувате да го сокриете. Да ги прекинете преговорите со посредство на Метју Нимиц и да се обратите до Генералното собрание на ОН како единствена меѓународна инстанција во која Република Македонија не е Давид наспроти моќниот Голијат, туку е рамноправна членка со сите држави кои ја признаваат под уставното име; да се стави крај на употребата на референцата и да се донесе резолуција на Генералното собрание на ОН со која на РМ би ѝ се гарантирал непречен прием во меѓународни организации под уставното име.

3) Обидете се да ја сплотите нацијата и да создадете вистински национален консензус околу внатрешните приоритети и демократски вредности, наместо да ѝ давате приоритет на надворешната политика што ја водите по диктат, вршејќи притисок и делејќи ги своите граѓани, а во полза на туѓи геополитички интереси. Свртете се и погледнете го сопствениот двор, затрупан од скршени ветувања и разочарувања. Ниту една меѓународна инстанција нема да може да го направи она што е наша домашна задача, а за што сте првенствено одговорни вие! Убедете ја ЕУ дека имаме капацитет за членство спроведувајќи ги реформите дома! Македонија ни е поважна од која било меѓународна организација!

– Предупредуваме дека инсистирањето на ургентно „решавање на спор“ во кој ни Соломон не би се впуштил, директно предизвикувате несигурност, страв и можен внатрешен конфликт, пишува во прогласот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top