петок, 21 септември 2018 | Вести денес: 117 ново

Во Скопје и Софија охрабрувачки изјави за датум за преговори и за проблемот со името

Претседателите на Македонија и на Бугарија, Ѓорге Иванов и Румен Радев, кој е во посета на Македонија, ќе иницираат потпишување договор за стратешка соработка меѓу двете земји. На прес-конференцијата, меѓу другото, тие зборуваа за Договорот за добрососедство и за спорот за името што Македонија го има со Грција.

Радев изјави дека Софија поддржува решение на спорот за името меѓу Скопје и Атина кое нема да вклучува територијални делови од Бугарија и нема да засега трети страни. Бугарската позиција е јасна, посочи тој, „решението за името во спорот со Грција да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија“. Бугарија, според него, не планира воведување на никакви санкции кон Македонија во однос на нејзините европски и евроатлантски интеграции во врска со преговорите за името и додаде дека овие преговори ја засегаат и Бугарија, но напомена дека верува дека ќе биде најдено решение кое е прифатливо и за Македонија и за Грција, кое нема да засега трети страни.

Претседателот Иванов рече дека преговорите за проблемот што Грција ги има со уставното име на Република Македонија ќе продолжат во ОН, при што македонската страна ќе се труди да се најде решение кое нема да биде на штета на трети држави и да ги инволвира во процесот.

На заедничката прес-конференција, Иванов рече дека по потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, би било добро Скопје и Софија да склучат и договор за стратешко партнерство, какви што Македонија има со САД и со Турција. Радев ја оцени како многу важна иницијативата за склучување договор за стратешко партнерство, додавајќи оти ќе ја пренесе до Владата во Софија.

– Договорот за добрососедство со земја, која е членка на ЕУ и НАТО е најсилен доказ дека во македонскиот Устав нема одредби за иредентизам и територијални претензии, рече Иванов и потсети дека Бугарија беше првата земја што ја признала Република Македонија под уставното име.

Радев за Договорот за добрососедство рече дека не треба да остане само мртво слово на хартија, туку да биде незапирлив процес што ќе се унапредува.

Македонскиот претседател Иванов изрази благодарност за поддршката од Софија за македонските аспирации за ЕУ и НАТО и рече дека е реално да се очекува за време на бугарското претседавање со ЕУ, Македонија да добие датум за почеток на преговорите, како и покана за членство во НАТО.

Македонија и Бугарија работат интезивно на формирање експертски комисии, од кои едната ќе се фокусира на прашања од историјата и образованието на двете земји, со цел да се надминат евентуалните разлики и несогласувања.

Во Софија, пак, вчера се одржуваше неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, Гимних на кој присуствуваше и македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров кој нагласи дека Македонија очекува датум за преговори до крајот на бугарското претседателство со ЕУ.

– Правиме се што можеме во јуни да има политичка одлука и да ја убедиме Грција да биде дел од тој консензус за Македонија. Тоа ќе биде добра работа за Македонија, за Бугарија, за сите наши соседи, за Балканот, но и за Европа, рече Димитров пред вчерашната сесија на која учествуваа министрите за надворешни работи од ЕУ и на петте земји кандидатки од Западен Балкан. Димитров изјави дека следните денови очекува продолжување на преговарачкиот процес.

Во Софија беше и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан кој изјави дека Европската унија е „сосема сигурна“ дека Македонија ќе го реши долгогодишниот спор за името со Грција пред јули. Запрашан дали спорот ќе биде решен до крајот на бугарското претседателство, што истекува во јуни, Хан одговори дека е „сосема сигурен во тоа“.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, која исто така беше во Софија рече дека дијалогот меѓу Скопје и Атина за прашањето за името е охрабрувачки и оти се надева оти наскоро ќе даде позитивни резултати.

– Сметам дека билатералните прашања како што е тоа за името се многу деликатни, а јавното мислење во двете земји е важно. Тоа значи дека е потребно политичко лидерство, голема храброст, решителност и јасна визија за тоа што е добро за сопствените граѓани. Многу сум ипресионирана од тековниот дијалог меѓу Атина и Скопје и подготвена сум да го поддржам на каков било начин, рече Могерини.

Очекување дека спорот за името ќе биде решен и Македонија за време на бугарското претседавање ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, искажа и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа се надева дека на состанокот на Европскиот совет во јуни ќе се донесе одлука за отворање на преговорите со Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top