вторник, 25 септември 2018 | Вести денес: 109 ново

Грчев: Јас ќе платам да се тргне „Воинот на коњ“ од плоштадот во Скопје

Мирослав Грчев, член на Советот за култура на СДСМ, кој неколку месеци за српски медиум изјави дека Македонија и македонската нација се измислени од Тито, е член на Комисијата која го чешла проектот. Тој вели дека Стефановска била преплатена со 1,5 милиони евра. Споменикот, пак, вели чини околу осум милиони евра, што не би било случај доколку го направел и најскапиот уметник во светот.

Мирослав Грчев: Македонската држава, нација, јазик и култура се измислени (Видео)

-Во случајот со Воинот на коњ, морам да речам дека се е спорно. Најголем прекршок кај сите споменици, вклучувајќи го и овој, е тоа што е направена суспензија на надлежноста на Собранието, што според мене е еднакво на злосторничко здружување. Станува збор за една буквално бандитска мафијашка постапка каде се фрлени пари, поконкретно фрлени осум милиони евра. Тоа не би не чинело толку и најскапиот уметник да го ангажиравме. А да и дадеме милион и шестотини илјади евра на име на една скулпторка е чист криминал, не верувам дека постои толкав хонорар – вели Грчев.

Дали ќе има кривична одговорност за дел од уметници, членовите на Комисијата не можат да предвидат. Посочуваат дека тие не се истражни органи, туку само експерти кои ќе ги констатираат неправилностите.

Елаборатот за Воинот на коњ е веќе пред еден месец доставен до Министерството за култура. Меѓу готовите извештаи се и тие за скулптурата на споменикот на Андон Јанев Ќосето, за спомен обележјето на Мајка Тереза, како и за Порта Македонија.

За сите овие објекти Комисијата и предлага на Владата да се дислоцираат, отстранат или срушат. Како што објаснува професорот Грчев, тие се поставени спротивно на законите и тоа ги прави дивоградби. Освен тоа, додава, нивното понатамошно постоење ќе го продолжува насилството на претходниот режим врз јавниот простор.

-Кога ќе утврдиме дека Воинот на коњ е плод на злосторничко здружување, дека со тој споменик се врши атак на уставниот поредок, дека е плод на корумпирана кражба, дека се прекршени законите, тогаш ништо друго не преостанува освен рушење. Ние не го измислуваме тоа решение, туку е согласно законите. „Скопје 2014″ мора да се третира како природна непогода, како општествено политичка катастрофа – додава професорот.

Во врска со трошоците за евентуално рушење или дислокација, вели дека би биле минимални и дека за возврат општеството би добило многу повеќе со тоа што ќе си го врати назад јавниот простор.

-Ништо не кошта да се тргна Воинот на коњ од плоштад. Потребно е само камион со кран и четворица работници да го отштрафат, да го стават во камион и да го одвезат вон градот. Еве јас ќе го платам тоа, нека биде и моја донација за заздравување на македонското општство, за трасирање на патот од општество на кретени во демократско општество – вели тој.

Еден од следните објекти кои Комисијата ќе ги чешла ќе биде и Археолошкиот музеј. Уште од нејзиното отворање, оваа зграда се поплавува и протекува, што ја прави најспаката пропадната инвестиција од урбанистичкиот проект.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top