недела, 25 февруари 2018 | Вести денес: 12 ново

Почина принцот кој никогаш не стана крал

Неговото кралско височество принцот Хенрик од Данска почина во вторникот, а во моментот на смртта покрај него биле неговата сопруга кралицата Маргарета Втора и нивните двајца синови.

Принцот Хенрик се венчал со Маргарета Втора во јуни 1967 година, кога таа била прва во линијата за круната. Кралица станала во ноември 1972 година и Хенрик тогаш не го криел своето разочарување што целиот живот останал принц, наместо сопругата да му овозможи да носи титула на крал.

Од своите должности се пензионирал во 2016 година, а лани успеал да изјави дека не сака да биде погребан покрај својата сопруга, бидејќи никогаш не го направила рамноправен. Кралските двојки секогаш се погребани заедно во катедралата Роскилде, западно од Копенхаген.

– Ако сака да ме погребаат со неа, ќе мора да ме именува за крал и точка. Не ме интересира. Мојата сопруга одлучи дека сака да биде кралица и јас сум среќен од нејзината одлука. Но, како личност, таа мора да знае дека кога маж и жена се во брак, тие се еднакви. Мојата сопруга не ми покажа почит какво што „обична“ сопруга би му покажала на својот партнер – изјави тој лани.

Неколку месеци потоа од данскиот кралски двор открија дека му е дијагностицирана дименција, а поголемите здравствени проблеми почнаа кон крајот на јануари кога итно бил вратен од патувањето во Египет поради тешко воспаление на белите дробови. Дека ситуацијата е сериозна станало јасно кога неговиот син принцот Фредерик во петокот, 9 февруари, ги напуштил Зимските олимписки игри и побрзал дома за да биде со својот татко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top