четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 17 ново

Министерство за култура ретерира, комисиите ќе ги ревидираат одлуките

Министерството за култура смета дека дека комисиите си ја завршија добро нивната работа во процесот на одлучување, со оглед на сите ограничувачки околности, но од Министерството ги прифаќаат забелешките на јавноста. Комисиите ќе ги ревидираат нивните одлуки во однос на најрелевантите укажувања. Техничките пропусти ќе бидат коригирани веднаш, а дел од другите приговори преку жалбената постапка.

Министерството ги охрабрува сите апликанти да поднесат приговори доколку сметаат дека биле онеправдани и вели дека им гарантира фер и брза постапка.

Жалбената постапка за оние кои ќе поднесат приговори почнува од денот на приемот на решението и трае 15 дена, а приговорот се доставува до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка по работен однос од втор степен.

Министерството соопштува дека покрај наследените долгови и ограничениот буџет, проверените и традиционалните манифестации добиле релативно добри средства за нивните програми, а за повеќето проекти Министерството ја користело стратегијата на „сеидбен“, „размножувачки“ буџет (seeding budget) кој овозможува средства за покривање на основните трошоци за продукција на проектите, како поттик за уметниците и културните менаџери да најдат и други средства за нивна реализација, со тоа што поддршката на државата претставува солидна гаранција пред потенцијалните донатори.

Тројцата членови на комисии за кои имаше укажувања за можен конфликт на интереси, иако не учествувале во тие комисии, го повлекле учеството во проектите.

Министерството нагласува и дека сегашниот формат на Годишната програма е наследен од минатите години и дека веќе од следната недела, со формирање посебна работна група, ќе почне процес на целосна ревизија на Законот за култура и легислативата од областа на културата, вклучувајќи и јавна расправа која ќе трае во идните неколку месеци. Очекува дека таа ревизија ќе ги утврди и начините на поддршка на националните установи и другите корисници, што е во согласност и со петгодишната Стратегија за културен развој и со акцискиот план на министерството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top