недела, 24 јуни 2018 | Вести денес: 56 ново

„Македоника литера“ ја објави „Можеби заминуваме“ од Јан Балабан

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве ја објави книгата со раскази „Можеби заминуваме“ на чешкиот писател Јан Балабан, во превод од чешки јазик на Донка Роус.

Книгата е наградена со најпрестижната книжевна награда во Чешка – „Магнезија литера“ за најдобра чешка проза во 2005 година и е прогласена за книга на декадата во Чешка (2002 – 2011), како и со наградата на читателите – Книга на годината според анкетата на весникот „Лидове новини“ во 2004 година.

„Можеби заминуваме“ е книга во која авторот пишува за судбините на сосема обичните луѓе кои вообичаено се соочуваат со болката, самотијата, празнотијата, среќата или со разочарувањето и затоа авторот е нарекуван познавач на човечката тага. Притоа, Балабан ги ползува митовите, легендите, Библијата, колективната меморија или духот на времето за да биде максимално уверлив во раскажувањето на приказните во дваесетте раскази, кои тематски и структурно се сосема различни, но сите подеднакво привлечни за читање. Раскажува за ситуации за кои се чини дека нема излез, дека нема пат напред или дека патот секогаш е непознатост и иднина. И затоа крајот на неговите раскази е речиси секогаш отворен. Од критиката е наречен егзистенцијалистички писател.

Јан Балабан (1961 – 2010) е познат чешки писател, преведувач, новинар и публицист. По завршувањето на студиите работел како технички преведувач во Витковицките железарници, а од 2000-та година работел како слободен преведувач и писател. Освен белетристика објавувал и разни текстови во весници и списанија, а пишувал и рецензии за ликовна уметност. Починал на 49-годишна возраст.

Неговото книжевно творештво се состои од збирките раскази „Среден век“, 1995, „Божјо јаже“, 1998, „Распуст“, 1998, „Можеби заминуваме“, 2004, новелата „Црн овен“, 2000, романите: „Срцето на змејот“, 2001, „Каде одеше ангелот“, 2005, „Тука сме“, 2006, романот „Прашај го тато“, 2010 (кој беше прогласен за книга на годината во анкетата на „Лидове новини“ и награден со „Магнезија литера“ во 2011 година), како и драмата „Ветерни мелници“, 2009.

Јан Балабан е еден од најпознатите чешки книжевни творци, не само на својата средна генерација, туку воопшто во современата чешка литература. Успеал да им даде тежина на обичните зборови и на обичните настани.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top