среда, 23 мај 2018 | Вести денес: 119 ново

Македонија е на трето место во светот по младинска невработеност

Со 50,1 проценти младинска невработеност, Македонија е на трето место во светот по невработени млади во листата на Светска банка, која се повикува на процените на Меѓународната организација на трудот (ИЛО) за 2017 година. Со поголема невработеност се само Јужна Африка со стапка од 54,2 проценти и Босна и Херцеговина со стапка од 67,5 проценти. Од регионот, пак, најголема младинска невработеност има Грција – 47,4 проценти, во Србија таа е 33,7 проценти, во Хрватска – 29,4 проценти, во Словенија- 15,4 проценти, а во Бугарија – 15 проценти.

Според дефиниција, млади невработени се лица од 15 до 24 години, кои се подготвени да работат и кои презеле активности да најдат работа во последните четири недели. Овој податок се смета за многу важен во однос на тоа како една генерација ја почнува, односно не ја почнува, својата работна кариера. Значи, овде не станува збор за млади луѓе кои се во образовниот систем и кои не бараат работа.
Но, како што покажуваат податоците на Државниот завод за статистика на Македонија, разочарувачки се стапките на невработеност и на младите над 25 години. Така, невработеноста кај оние меѓу 15 и 19 години е 58,9 отсто, од 20 до 24 години невработени се 46,1 отсто, а од 25 до 29 се 35,2 отсто.

Загуба за луѓето, економијата и општеството

На темата младинска невработеност, свој став изнесе професорката Марија Топузовска-Латковиќ.

„Неуспехот младите луѓе да се интегрираат во светот на работата има пошироки последици, пред сè, врз идниот просперитет и развој на земјите. Невработеноста на младите, како и ситуациите во кои младите луѓе се обесхрабруваат и се откажуваат од потрагата по работа или, пак, прифаќаат да работат во несоодветни работни услови, несомнено предизвикува загуба за економијата, општеството и самите млади луѓе“, анализира Топузовска Латковиќ, во текстот објавен на Республика.еду.мк.

Таа потенцира дека, „доколку на младите луѓе во оваа деликатна биолошка возраст, полна со надеж и возбуда во врска со очекувањата за иднината, на патот кон нивната (финансиска) независност се испречат многубројни бариери уште на самиот влез, многу веројатно е дека тоа ќе предизвика фрустрација, стрес и негативни чувства за себеси и окружувањето“.

Стимулации од Владата

Во Планот за економски раст, кој треба да биде активен од март или од април, има повеќе мерки со кои треба да се поттикнат нови вработувања на млади луѓе, но тие повеќе се насочени кон високообразован кадар.

Од Активните мерки за вработување, во тек е оглас за бесплатна обука за напредни ИТ-вештини. Инаку, овие курсеви се скапи и за невработените, главно недостапни.

Во повеќе студии за млади што се изготвени од невладиниот сектор повеќе од 65 проценти од младите изјавиле дека очекуваат тешко да најдат работа.

plusinfo.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top