четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 16 ново

Денот на вљубените и обичаите ширум светот

Денот на Свети Валентин, попознат како Денот на вљубените во западната култура, е празник кој се прославува на 14 февруари секоја година. Посредно или непосредно, празникот го одбележуваат голем број луѓе ширум светот, иако овој ден обично е работен. Денот на вљубените е секуларен во денешниот облик, иако изворно е во прашање празник на Протестантската и Римокатоличката црква.

Освен западните, овој ден го одбележува и Православната црква, но половина година подоцна – на 12 август. Светецот, кој православците го слават на 14 февруари по грегоријанскиот календар, односно на 1 по јулијанскиот календар е Свети Трифун, заштитник на лозарите, лозарството и виното.

Погубен поради промовирање љубов

Прославата на Свети Валентин (денот) во почетокот била наменета на неколкумина истоимени ранохристијански светци. Најпозната мартилогија (начин на кој некој станува светец – маченик) на Валентин е дека е погубен бидејќи венчавал војници, што тогашниот римски цар Клаудиј Втори строго го забранил, сметајќи дека оженетите мажи се лоши војници.

Според верувањето, додека заминувал да му ја отсечат главата, Валентин на слепата ќерка на чуварот во затворот и испратил писмо со жолт шафран, во знак на благодарност за укажаното внимание. Било потпишано од „твој Валентин“.

Англиски поет го поврза Валентин со романтична љубов

Денот на Свети Валентин првпат е поврзан со романтична љубов во 14. век во круговите блиски до Џефри Чосер, англиски поет од доцниот среден век. Во тоа време, меѓу угледните луѓе била популарна т.н. отмена љубов. До 15 век, оваа пракса прерасла во тоа вљубените својата љубов да ја искажуваат со цвеќе, слатки и честитки.

Современите обележја на Денот на вљубените се црвени подароци во вид на срциња, гулаби и играчки или фигури во облик на Купидон (староримски бог на страсна љубов). Уште од 19. век, местото на честитките напишани на рака на пазарот им го одзедоа масовно произведените честитки.

Секоја култура внела нешто свое

Подарувањето црвени рози стана популарно и во арапската, индиската, кинеската и јапонската култура. Секоја култура внела нешто свое, па денес Денот на вљубените се слави на различни начини ширум планетата.

Чоколаден ден во Јапонија

На овој ден, сите жени на мажите им подаруваат чоколади. И тоа ги даруваат сите, од колеги, соседи, сопрузи, до шефови и познаници. Мажите возвраќаат на вниманието, но еден месец подоцна со тоа што им подаруваат бело чоколадо. Тој обичај се вика Бел ден.

Кина

Денот на вљубените се преплетува со кинескиот традициоонален празник Фестивал на фенери, кој се паѓа на 15-от ден од Новата година. Ширум Малезија и Сингапур, вљубените жени на овој ден ги испишуваат своите телефонски броеви на портокали кои потоа ги фрлаат во поток, река или езеро. мажите кои ќе го пронајдат ова овошје, задолжително им се јавуваат на девојките за заедно да ги изедат портокалите.

Еквивалент на Денот на вљубените во Кина е ритуалот за венчавка, кој се вика Ќиси. На овој ден, жените подготвуваат храна, надевајќи се дека ќе пронајдат добар сопруг, додека голем број двојки одат во храмови да се молат за среќа во бракот.

Позната е кинеската легенда за овој ден. Имено, Зина, ќерка на Бог, и сточарот Ниуланг се вљубиле, венчале и добиле близнаци. Кога таткото на Зина дознал за нивниот брак, ги испратил самовилите да ја вратат Зина назад на небото. Со оглед на тоа дека за време на заминувањето ги слушнал криците на оставените деца и сопругот, Бог дозволил Зина со нив да се гледа еднаш годишно.

Губење невиност на Тајланд

Со оглед на тоа дека Денот на вљубените е резервиран за љубов, Тајланѓанките токму него го одбраа за губење невиност и за секс без обврски. Според некоја статистика, дури 80 отсто од девојките на Тајланд стапуваат во сексуални односи токму на 14 февруари. секоја година, пред овој датум, почнува кампања за кревање свест кај младите во врска со полово преносливите болести. Во училиштата и факултетите се делат кондоми.

Свети Валентин во Финска

Во Финска овој ден се доведува во врска со пријателството. Тој ден се даваат мали подароци, честитки и чоколади на пријателите и семејството. Оној кој ги испраќа подароците останува анонимен, па е многу интересно да се погоди кој кому што подарил.

Писма до Јулија во Италија и читање поезија

Оригинално, Италијанците го прославувале Денот на вљубените како Пролетен фестивал. Младите и вљубените ќе се собереле во градините и уживале во читање поезија и музика пред да заминат на прошетка со своите сакани.

Уште една традиција за овој празник е тоа дека младите, немажени девојки се будат пред зора за да го забележат својот сопруг. Се верувало дека во рок од една година ќе се омажат за човекот што го виделе ова утро.

Денес, Италијанците го слават Денот на вљубените на романтични вечери и разменувајќи подароци. Најпопуларен подарок е „Baci Perugina“ – лешник прекриен со чоколадо, на чија опаковка се испишани романтични пораки на четири јазици.

На Денот на вљубените Верона е преполна со писма. Италијанците пишуваат љубовни пораки на своите сакани, а оние кои сакаат да се вљубат и да ја пронајдат сродната душа, своите писма ги испраќаат на Јулија – симбол на трагичната љубов. Најубавите писма се наградуваат.

Данската снегулка и љубовните картички

Денот на вљубените е релативно нов празник во Данска, бидејќи според официјалните податоци на Министерството за надворешни работи на Данска се одбележува од раните `90-ти, па го прифатиле со некои измени. Наместо црвени рози, кај нив е популарен пресуван бел цвет, кој го нарекуваат „снегулка“.

Уште една популарна данска традиција поврзана со овој празник е размената на „љубовни картички“, на која се наоѓа фотографија од оној што подарува. Исто така, мажите подаруваат „гаеккебрев“ – „шегобијно писмо“, кое содржи хумористична песничка, на интересно исечена хартија и потпишано само со точки. Ако жената која го добие писмото, открие кој го испраќа, ќе добие велигденско јајце подоцна истата година.

Французите, вечни љубовници

Париз се смета за најромантичен град во светот. Со таа репутација, не е чудно што во Франција овој ден долго се прославувал како ден за љубовниците.

Постои приказна дека првата честитка за Денот на вљубените, кои сега се традиција во Франција и светот, настанала кога војводата Шарл Орлеански испратил љубовно писмо до неговата сопруга, додека бил затвореник во Лондонската кула во 1415 година.

Некогаш постоел обичај за овој ден да се организира „loterie d’amour“ – љубовна лотарија, при што мажи и жени се собирале во нечиј дом и се запознавале.

Доколку нашле соодветен партнер, двојката останувала заедно, додека дамите кои останале без партнер се собирале околку логорски оган. Во огнот фрлале фотографии од своите поранешни партнери или сопрузи кои им наштетиле, истовремено навредувајќи ги и колнејќи ги. Тие обичаи станале толку неконтролирани, што на крајот француската влада ги забранила.

На овој ден Французите ги обновиваат љубовните завети

Во француската покраина Индре постои село кое се вика Свети Валентин. Непосредно пред празникот, логично е ова село да заживее од бројните посетители, кои токму во ова место ги обновуваат љубовните завети. Во ова село, љубовта се прославува три дена.

Јужна Кореја

Денот на вљубените е популарен празник и за младите брачни двојки во Јужна Кореја, а тие празникот го прославуваат секој 14. во месецот од февруари до април.

Првиот ден од празникот е ден за подароци, кога жените им подаруваат на своите партнери слатки и цвеќе. Следниот ден од празникот, „Бел ден“ – 14 март, нештата се менуваат, па мажите им подаруваат на своите сакани чоколада и цвеќе, но задолжително партнерите си разменуваат уште по некој подарок.

За оние кои немаат многу причини за славење на Денот на вљубените или Белиот ден, постои трет празник. „Црн ден“, 14 април, е ден за осамените, лица кои го оплакуваат својот живот без партнер, така што традиционално јадат „jajangmyeon“, шпагети со црн прелив.

Велс

Во Велс луѓето не го прославуваат денот на вљубените на 14 февруари, туку на 25 јануари на Свети Двинвен, велшки светец – заштитник на љубовта.

Уште од 17 век е обичај на тој ден да се подаруваат изрезбани дрвени лажици како знак на љубов. Симболите врежани на овие „љубовни лажици“ имаат различни значења, па така потковицата значи среќа , тркалото – поддршка, а клучевите се всушност клучеви од машкото срце. Денес, лажици се подаруваат и за прослави како што се раѓање дете, свадби, годишнини…

Англија

Непосредно пред Денот на вљубените, жените во Англија поставуваат пет ловорови листови на перницата – еден во секој агол и еден во средина, со цел во соништата да им дојде идниот сопруг. Во некои краишта, тие листови прво се потопуваат во ружина вода.

Во Норфолк, децата го чекаат Џек Валентин, некоја верзија на Дедо Мраз или Свети Никола, кој им остава подароци на тремот или на терасите.

Филипини

Обичаите за овој ден на Филипините се многу слични на оние во западните земји, но една традиција ги „маѓепса“ младите во земјата. На овој датум, на сите плоштади се собираат илјадници двојки и се венчаваат или ги обновуваат заветите.

Бразил

Со оглед на тоа дека фестивалот во Рио се одржува во февруари или март секоја година, Бразилците ја прескокнуваат прославата на 14 февруари, па наместо тоа Денот на вљубените го прославуваат на 12 јуни.

Покрај вообичаеното разменување подароци, цвеќе и чоколади со партнерите, на овој ден се даруваат и семејствата и пријателите.

Следниот ден е Денот на Свети Антонио, кој е заштитник на бракот. На овој ден, немажените жени изведуваат ритуали кои се викаат „симпатиас“ во надеж дека Свети Антонио ќе им донесе сопруг.

Јужна Африка

Како и во многу делови на светот, и во Јужна Африка се прославува Денот на вљубените. Покрај подарувањето цвеќе, слатки и слични симболи на љубов, вообичаено е жените да закачат срце на ракавот. На тоа срце го испишуваат името на лицето за кое се заинтересирани и така мажите дознаваат која им е тајна обожавателка. Тој обичај потекнува од Рим и се вика „Lupercalia“.

cooltura.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top