четврток, 20 септември 2018 | Вести денес: 4 ново

Мислеле дека е глув, го малтретирале на училиште: Факти за милијардерот Илон Маск кои малкумина ги знаат

Во еден момент од својот живот, тој живеел со парите од своите пријатели, а денес има богатство од 21 милијарда долари.

Илон Маск е познат како еден од најголемите мислители и креатори на светот. Тој денес управува со некои од најуспешните компании на светот, односно произведува електрични автомобили, работи на унапредување на искористувањето на соларната енергија, прави приватни истражувања на вселената, лансира ракети, тежнее кон колонизација на Марс итн.

Неговата неверојатна интелигенција и капацитет за учење нови работи се воодушевувачки и тој е инспирација за целиот свет.

Еве неколку интересни факти за него кои малкумина ги знаат:

Неговите родители мислеле дека е глув

Кога бил дете, Илон често зјапал во далечина додека родителите му зборувале, поради што тие мислеле дека има проблеми со слухот. Но, на крај испаднало дека тој само сонува со отворени очи.

“Тој се задлабочува во некои свои мисли и патува во некој друг свет. И сега го прави тоа, само сега знам и го оставам сам, знам дека во својот ум дизајнира нешто ново и револуционерно”, изјавила неговата мајка во една прилика.

Бил малтретиран на училиште

Маск растел во Јужна Африка, каде некои од соучениците често го малтретирале и тепале. Тој дури имал и операција за средување на последиците од некогашните претрпени удари.

Направил и продал видео игра во 1984 година

На свои 12 години, тој ја смислил играта “Blastar” и ја продал за 500 долари. Кодот бил објавен во едно компјутерско списание во Јужна Африка.

Во 2015 година, еден инженер од Google го доработил кодот и ја ставил оваа игра во функција.

Плаќал кирија преку организирање на забави

Додека студирал на универзитетот во Пенсилванија, Илон Маск приредувал домашни забави за кои наплаќал влезница од 5 долари и со тоа си ја плаќал киријата.

Со цимерот ставале црни ќеси на прозорците и ги бојадисувале ѕидовите во светли бои во куќата во која живееле. Илон останувал трезен на забавите со цел да може да води сметка за сè.

Има пет деца

Маск има пет деца со неговата поранешна сопруга Џастин Вилсон. Близнаците се родени во 2004 година, а тројката е родена во 2006 година.

Парот добил и син во 2002 година, но тој ненадејно починал кога имал само 10 недели.

Живеел од заем од пријателите

Кога западнал во голема криза и минал низ скап развод со неговата прва сопруга, Маск живеел од заемите од неговите богати пријатели. Иако немал доволно финансии, тој своите последни 35 милиони долари ги инвестирал во Тесла.

Денес Маск има богатство од 21 милијарда долари, според списанието Форбс.

Поседува еден од автомобилите на Џејмс Бонд

Во 2013 година, Маск потрошил 866 илјади долари на аукција за да го купи Lotus Esprit – автомобилот од Џејмс Бонд од филмот “The Spy Who Loved Me (1977)”.

Тој уште како мал се воодушевувал на неговата трансформација во подморница во филмот, но се разочарал кога дознал дека автомобилот всушност не може да се трансформира во реалноста.

Троши многу пари на недвижнини

Маск има пет куќи во луксузното соседство Бел Ер во вредност од 72 милиони долари.

Се има појавено во една епизода од ТВ серијата “The Big Bang Theory”

Во ноември 2015 година, Маск се појавил во епизодата “The Platonic Permutation”, каде во една сцена мие садови.

точка.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top