вторник, 22 мај 2018 | Вести денес: 107 ново

Барала до 400 евра за да ги вработи во Министерство за здравство, за поголема плата требало да доплатат уште толку

Против 36-годишна жена од Скопје е поднесена кривична пријава за сторено дело „измама“. Според полицијата Е.С. мамла луѓе дека за пари ќе ги вработи во Министерството за здравство, лажно повикувајќи се на лица на високи позиции во Министерството.

Измамите ги правела во период од јуни до август минатата година. 36-годишната измамничка им велела на луѓето дека со нејзина помош за краток временски период ќе бидат вработени во Министерството за здравство, при што за услугите, во повеќе наврати, им побарала и примила вкупен паричен износ од околу 150.000 денари.

„Пријавената ги извршувала делата на идентичен начин. Имено, на оштетените им ветувала дека ќе ги вработи во министерството како преведувач од англиски на македонски јазик, референт во министерството, потоа како медицинска сестра во Одделот за максилофасцијална хирургија или како акушерка, и во еден случај ветила работно место – лаборант во Одделението за трансфузиологија. Зауслугите, пријавената од оштетените во повеќе наврати барала парични средства во висина од 12.000 до 24.000 денари со изговор дека парите и биле потребни за трошоци околу набавка на потребна документација за вработување, односно за систематски и психолошки прегледи“, велат од полицијата.

Е.С. средбите со оштетените ги закажувала во кругот на комплексот клиники „Мајка Тереза“, а во два случаи им понудила дека ако сакаат да земаат поголема плата требало да доплатат дополнителни средства во износ од 12.000, односно 24.000 денари.

Откако ги дале парите, оштетените повеќе пати се обидувале да стапат во контакт со пријавената, но таа ги одбивала сите повици, по што сфатиле дека се измамени и случаите ги пријавиле во полициска станица.

Е.С. е повикана на разговор во полициска станица, каде што ги признала кривичните дела и го појаснила начинот на извршување, а по ова оштетените пријавиле во полициска станица дека парите им биле вратени во целост.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top