петок, 25 мај 2018 | Вести денес: 19 ново

Бутарис критикуван за изјавата за преименување на аеродромот во Солун

Бура од реакции во Грција предизвика изјавата на солунскиот градоначалник Јанис Битарис за тоа дали и тие треба да размислат за промена на имињата на аеродромот и автобуската станица во Солун, кои го носат името „Македонија“, јави дописникот на МИА од Атина.

– Предлогот на Бутарис е негов предлог, мислам дека не влегува во плановите на грчката Влада и сметам дека не е предлог што во овој момент би можел да се разгледа, коментира за телевизијата Скај заменик министерот за поморство Нектариос Санторињос.

„Градоначалникот да ги остави дипломатијата и преговорите на дипломатите и да се занимава со неговите надлежности, на пример, со чистење и собирање на ѓубрето во неговиот град“, на Твитер реагираше одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија.

Членот на опозициската група во општинскиот совет на град Солун, Ставрос Калафатис, побара Бутарис да си поднесе оставка.

Од меѓуградската автобуска станица во Солун, што се вика „Македонија“, за солунскиот информативен портал Thestival, велат дека немаат никаква намера, ниту размислуваат за промена на името.

-Немаме таква намера и не знам зошто би се сменило името на станицата. Станицата е приватна и воопшто не разговараме за такво нешто, рекол Јанис Ламбру, претседател на меѓународната автобуска станица во Солун.

Говорејќи пред општинскиот совет, солунскиот градоначалник синоќа ја постави дилемата што ќе прави Грција со името „Македонија“ на аеродромот и на автобуската станица, со објаснување дека многумина што пристигнуваат на солунскиот аеродром „Македонија“ мислат дека се во Скопје.

Јанис Бутарис, како што веќе објави МИА, говорејќи утрово за ТВ Скај, објасни дека не рекол дека треба да се променат имињата, туку едноставно се запрашал што треба да направи Грција.

– Не реков дека треба да ги смениме. Реков дека ќе имаме проблем, а и веќе имаме проблем со аеродромот „Македонија“, бидејќи странците го знаат Скопје како Македонија, доаѓаат на аеродромот „Македонија“ и се збунети- објасни солунскиот градоначалник.

Новинарот од ТВ Скај, потсети дека во минатото солунскиот аеродром се викаше „Микра“, а според Бутарис, името го промени во „Македонија“, по протестите во 1992.

-Вие сега предлагате повторно да се вика „Микра“- праша новинарот од Скај.

-Не. Но, видете, ако некогаш се постави прашање за преименување и се размислува за име јас би предложил да го именуваме Никос Галис, објасни Бутарис, споменувајќи го името на познатиот грчки кошаркар.

По сите овие реакции во Грција, Јанис Бутарис, свика вонредна прес конференција за конкретното прашање, за да објасни што точно мислел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top