вторник, 25 септември 2018 | Вести денес: 88 ново

Најчевска: Заменик министерот за правда Оливер Ристовски лаже!

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска го обвини заменик министерот за правда Оливер Ристовски дека лаже, во врска со информациите кои ги сподели на синоќешното гостување во „Топ тема“ на Телма, а во врска со работата на Советот за реформа во правосудството. Најчевска до неодамна беше член на овој совет, но го напушти обвинувајќи дека служеле само како параван за спроведување на веќе донесени одлуки, без да се земе во обзир нивното стручно мислење.

-Заменик министерот за правда Оливер Ристовски лаже. Лаже дека сите закони и законски измени кои се однесуваат на правосудниот систем пред да влезат во собраниска процедура биле предмет на расправа на Советот за реформа на правосудниот сектор. Точно е дека немало политички притисок, меѓутоа јас не го напуштив советот заради тоа туку заради политичка манипулација. Политичката манипулација се изведуваше со потполно отсуство на информации, со потполна подреденост на функционирањето на советот на министерот, отсуство на слух за предлозите и барањата на експертите, донесување на одлуки од релевантната област во затворени групи кои меѓу себе не комуницираат, а јавно прикажување на советот како водечка структура на реформите, напиша Најчевска на фејсбук.

Таа додава дека членовите на советот и воопшто не биле платени за работата.

-И да, ако сакаш некого сериозно да го ангажираш да заврши некоја работа а не ти служи само како параван, соодветно го вреднуваш потрошеното време и експертизата која ја добиваш. Јас кога ќе викнам мајстор дома му плаќам за извршената работа, вели Најчевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top