среда, 15 август 2018 | Вести денес: 58 ново

Не се почитувале правилата за зимско искачување на Кајмакчалан: Дел од учесниците барале да се откаже турата (видео)

„Трансверзалец“ имал само еден лиценциран водич за зимски тури, а тој не бил предводникот на групата од која двајца планинари загинаа на Кајмакчалан, објави „Сител“. Според федерацијата на планински спортови на Македонија водичот на групата поседувал лиценца за планинарење во летни услови. Не се знае каква била структурата на групата, но за искачување на група од 50 планинари потребни се 20 лиценцирани водичи.

Од друштвото „Трансверзалец“ денеска не сакаа да дадат коментар за трагедијата во која настрадаа 27-годишната Калина Велевска и 35-годишниот Александар Миновски од Скопје, објави Сител.

Од Федерацијата на планинари на Македонија ќе го чекаат извештајот од друштвото кое ја организираше групата кој задолжително се доставува по секоја реализирана тура. Заклучокот за несреќата ќе го соопштат во петок, откако претходно ќе се состане одборот со претседателите на сите планинарски друштва од Македонија.

Од федерацијата се категорични, на зимско планинарење се тргнува најрано по три дена откако ќе падне снег.  Водичот на групата морал да го прекине искачувањето кон Кајмакчалан, бидејќи не било согласно правилата.

Според информациите до кои дојде Сител, дел од членовите на групата како и водичот веќе дале исказ за несреќата пред грчките полициски служби. Извори за Сител од групата велат дека условите биле многу лоши а меѓу нив имало и такви кои барале да се откаже турата веднаш откако се соочиле со првите снежни виулици. Калина и Александар се изгубиле околу 14 попладнето и со нив можело да се разговара на телефон некое време но подоцна загубиле секаков контакт. Пребарувањето од грчките служби почнало веднаш по пријавата. Телата се најдени на 2524 м.н.в на само 4 метри од врвот Кајмакчалан. Местото се наоѓа на само стотина  метри од македонската гранична линија на планината од каде теренот на планината е див и непредвидлив. Тоа се гледа и од снимките кои се направени од пожарникарната служба на Воден која ги извлекуваше телата. По информациите дека грчките служби најверојатно отпочнале истрага, МВР ни соопштија дека ќе се работи на откривање на околностите под кои ги загубија животите двајцата планинари. Од Основното Јавно обвинителство засега нема отворено истрага за случајот но велат постои можнот да се отвори постапка и од македонското обвинителство но се уште нема таква информација.

извор: сител

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top