недела, 25 февруари 2018 | Вести денес: 29 ново

Заев од турската Влада побара квоти за извоз на телешко и јагнешко месо од Македонија

Македонскиот и турскиот премиер Зоран Заев и Бинали Јилдирим на денешната прес- конференција јавно ги потврдија заложбите за унапредување на економската соработка меѓу двете држави и зголемување на трговската размена на една милијарда евра.

– Ја искористивме приликата да побараме, Владата на Република Турција да размисли за овозможување квоти за Република Македонија, за извоз на телешко и јагнешко месо, како што е тоа овозможено за БИХ и Република Србија, рече Заев на прес конференцијата.

Тој изрази благодарност на поканата на премиерот Јилдирим за официјалната посета и оцени дека тоа е можност двете земји да го потврдат пријателството и да ја зајакнат соработката.

– Сакам да порачам дека со голема загриженост ги следевме трагичните настани на 15 јули 2016 година. Го осудивме обидот за државен удар и ги поддржуваме демократските избрани институции на Република Турција, рече македонскиот премиер.

Посочи дека заедно со премиерот Јилдирим, и двете владини делегации, денеска разговарале за интензивирање на економската соработка помеѓу Република Македонија и Република Турција.

Постои, како што додаде, интерес од страна на компаниите од Турција за инвестирање во Република Македонија, посебно по стабилизацијата на политички план и отворените перспективи на нашата држава кон Европската унија и кон НАТО.

Шефот на македонската Влада изразил благодарност до Република Турција за големата поддршка што и ја дава на наша земја на полето на инвестициите и за интеграциите на Република Македонија во НАТО.

– И инвестициите и членството на Република Македонија во НАТО се важни за економскиот развој на нашата држава, како и за остварувањето на нашите стратешки цели и секој искрен пријател на Македонија е драгоцен, а посебно кога станува збор за традиционален, докажан пријател како што е Турција, истакна Заев.

Договоривме, додаде тој, дека силно ќе се заложиме за отворање можности, за унапредување на соработката и во сите други области кои се од интерес на граѓаните на нашите две држави.

-Лоциравме дека во енергетиката, земјоделството, индустријата, градежништвото и инфраструктурата, но и во одбраната и безбедноста, постојат и интерес и потенцијали да се продлабочи соработката и на тоа ќе работиме во претстојниот период, рече меѓу другото премиерот Заев.

Тој на прес конференцијата упати отворен повик до инвеститорите од Турција.

– Уште еднаш и во оваа прилика ќе ја повикам бизнис заедницата во Турција, дојдете, запознајте се со новите услови и можности за инвестирање во Република Македонија, тие партнерства ќе бидат во интерес и на граѓаните на кои им се потребни нови вработувања, но и на придобивки на економски план, за двете држави, порача Заев.

Турскиот премиер Бинали Јилдирим рече дека расте интересот на инвеститорите од Турција за инвестирање во Македонија.

Јилдирим додаде дека има можности за продлабочување на соработката до трговска размена од една милијарда евра. Исто така и дека Република Турција ја поддржува Република Македонија во НАТО и ЕУ интеграциите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top