сабота, 26 мај 2018 | Вести денес: 94 ново

Јанкулоска: Судот не смее да ги прифати вештачењата од мои политички опоненти – функционери од СДСМ

Адвокатот на експремиерот Никола Груевски и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска Боро Тасевски од судот побара 8-те бомби да не бидат доказ во постапката за „Тенк“. Четири од нив биле јавно објавени пред СДСМ да му ги предаде на обвинителството, односно биле објавени на „Јутјуб“ и како такви, според адвокатот Димитар Дангов, тие докази се контаминирани и затоа судот не смее да ги изведува.

Цедињата за аудиоснимките, според Дангов, се де факто материјални докази, но претставуваат вербални докази. Обвинителот Стевчо Донев од СЈО рече дека обвинетите имале време за увид и препис на доказите и во време на истрагата, а и сега дополнително. Донев се повика на решението на Апелациониот суд дека бомбите се доказ во кривичната постапка.

Адвокатите ги бараат и сите останати бомби, а не само тие осум зашто обвинетите, според адвокатите, имале и други разговори. Тие, исто така, бараат вештачењето на СЈО да не бидат доказ, зашто го вршело странско лице кое не е регистрирано за спроведување на вештачења. Адвокатката Сања Алексиќ рече дека треба судот да утврди дека вештакот Страхил Глигоровски, кој го извршил вештачењето, имал соодветна лиценца.

-Еден од потписниците на вештачењето е и Тале Герамитчиоски, ексминистер и пратеник на СДСМ. Правното лице кое го правело вештачењето е на Димитар Бузлески, рече адвокатот Боро Тасевски. СЈО рече дека не ја коментира политичката определба на вештаците. „Тие одговараат пред законот за содржината на вештачењата“, рече обвинителот Донев.

На денешното рочиште покрај адвокатите збор зема и обвинетата Јанкулоска, која реагираше на изработените две вештачења за набавениот мерцедес. Таа прво изреагира дека ниту таа како обвинета, ниту нејзините бранители немале можност со свои предлози и забелешки да учествуваат во вештачењето кое го нарачало СЈО.

-Постои објективна оправданост и сомнеж во објективноста на вештачењата во однос на политичката кариера на вештакот Тале Герамичиоски и управителот на компанијата која била ангажирана, бидејќи токму во тој период исполнувале високи политички функции како избрани или именувани лица на предлог на СДСМ, а и јас исто така во тој период извршував високи функции во ВМРО-ДПМНЕ. Затоа барам од судот да го земе во предвид овој објективен сомнеж бидејќи нивниот политички ангажман го загрозува моето право на правично судење – рече Јанкулоска пред судот, при што се повика и на судска пракса од судот за човекови права во Стразбур.

Судијката даде еден час пауза да се произнесе по предлозите поднесени од адвокатите на обвинетите.

Во предметот „Тенк“ обвинети се Груевски, Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илјади евра.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. д.о.о.е.л., генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top