понеделник, 22 октомври 2018 | Вести денес: 82 ново

Државата Њујорк подигна тужба против Харви Вајнстин и студиото

Државата Њујорк најде доволно докази за да подигне тужба против Харви Вајнстин, неговиот брат и студиото, тврдејќи дека студиото Weinstein не ги заштитило работниците од сексуално вознемирување и злоупотреба од страна на поранешниот холивудски продуцент.

Во тужбата е наведено дека Вајнстин со години ги вознемирувал и злоупотребувал неговите вработени и им се заканувал дека ќе ги убие. Тужбата беше подигната по неколкумесечно собирање на докази.

Главниот њујоршки тужител Ерик Шнајдерман им потврди на медиумите дека поднел тужба против Вајнстин, неговиот брат Роберт, како и нивната компанија Weinstein.

Шнајдерман бара неодредена сума на пари за жртвите на сексуалниот предатор, како и затворска казна за 65-годишниот Харви Вајнстин и поединечни казни за одредени работници од неговата компанија. Како што се наведува во тужбата, раководителите и шефовите од студиото Weinstein и Роберт Вајнстин се сметаат за виновни бидејќи не го спречиле малтретирањето на работничките, иако знаеле што се случува.

Адвокатот на Вајнстин кажа дека „фер испитувањето“ ќе покаже дека голем дел од обвиненијата во тужбата се неточни. Засега, никој од компанијата Weinstein не даде никаков коментар.

Харви Вајнстин е под истрага на полицијата на САД и Велика Британија поради многубројните обвинувања од актерки и филмски работнички за сексуално вознемирување и силување. Меѓутоа, досега никој не поднесе тужба против него. Вајнстин се сметаше за еден од најголемите луѓе во Холивуд, и тој призна дека неговото однесување повредило многу луѓе, но ги негираше скоро сите обвинувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top