понеделник, 22 октомври 2018 | Вести денес: 79 ново

Нела Витошевиќ од Шарената револуција ќе режира рекордни 4 претстави за 4,8 милиони денари

Режисерката Нела Витошевиќ, која е една од шарените и беше учесник во обоената револуција, доби најмногу проекти во драмската дејност за 2018 и годинава ќе режира во четири национални театри, а претставите вкупно чинат 4,8 милиони денари.

Министерството за култура ја објави годишната програма за одобрени проекти, со објавени членови на комисии и износ на пари, колку барале а колку добиле институциите. Министерот Роберт Алаѓозовски кажа дека на конкурсот пристигнале вкупно 5.018 пријави, а поддржани се над 50 отсто од сите пристигнати апликации.

Во драмската дејност се прифатени 123 проекти, за кои одлучувала комисијата со актерот во пензија од Македонскиот народен театар (МНТ) Петар Арсовски, драматургот од Драмски театар Викторија Рангелова и Хамди Рашиди.

Витошевиќ, од неодамна вработена во МНТ, а изминативе години активен автор во независниот театар, годинава ќе режира во МНТ, Драмски театар и во Прилепски театар.

Во матичниот театар ќе го работи текстот „Змеј“ на Евгениј Шварц, за кој биле побарани 3 милиони и 934 илјади денари, а одобрени се 1 милион и 800 илјади денари. Во Драмски ќе работи на „Странци“ од Филипо Болоња, за кој се побарани 1 милиони и 775 илјади денари, а одобрени се 1 милион и 500 илјади денари. Во Прилеп, каде досега ги има поставено „Змејовата невеста“ и „Сон на летната ноќ“, овој пат ќе го режира „Галеб“ од Чехов, поддржан со 1 милион денари, а биле побарани за 400 илјади повеќе.

После Витошевиќ, режисери кои најмногу ќе работат, со по две претстави се Васил Христов (Драмски и Турски театар – 1,6 милиони плус 1,2 милиони денари), Владимир Милчин во Струмица и во Битола (1 милион денари плус 1. 8 милиони денари), Виолета Џолева во Театар за деца и младинци и во Драмски (1 милион денари плус 500 илјади денари), Љупчо Ѓорѓиевски во Прилеп и во Струмица (1 милион денари плус 900 илјади денари.)

Најскапа претстава, од 3 милиони денари, ќе биде „Месец дена на село“, која реномираниот италијански режисер Паоло Маџели од април ќе почне да ја работи во МНТ. Театарот за овој проект по текст на рускиот писател Иван Тургењев побарал 4 милиони и 225 илјади денари.

Споредувајќи ја годишната програма за 2018 со програмите од неколку години наназад, се забележува дека досега режисери како Љубиша Георгиевски, Синиша Евтимов, Деан Дамјановски и Љупчо Ѓорѓиевски имале максимум по две претстави во годината во театарите низ државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top