недела, 25 февруари 2018 | Вести денес: 30 ново

Ниту директорката на ОУ „11 Октомври“ ниту играорното „Карпош“ не чувствствуваат вина што девојчето заврши со скршен череп

За организацијата, безбедноста и редот е одговорно лицето кое го изнајмува просторот. ДКЦ Карпош ја користи салата за фолклор и надлежната ги опоменала учениците и побарала одговорно да се однесуваат, но тие продолжиле со влечење на мрежата што доведе до повреда на ученичката. Во салата се сместени реквизити кои се безбедни и сигурни. На видно место во салата е истакнато писмено известување за соодветно однесување на учениците кон реквизитите, кажа Даница Блажевска – в.д. директор на ОУ „11 Октомври“

Сите ние сочувствуваме со настанот, но тој се случи по часовите што нѐ амнестира од одговорност. Иако на мајката ѝ кажавме да нѐ информира за состојбата на девојчето, бркав приватни врски за да добијам информација кога е операцијата и како е, се оправдува в.д. директорката на ОУ „11 Октомври“ Даница Блажеска, пред советниците на општина Центар за несреќатаза инцидентот што се случи во нејзиното училиште пред една недела. Девојче заврши со скршен череп откако метална шипка ѝ падна врз главата во спортската сала во училиштето.

-Настанот се случил околу 15 часот, јас бев повикана од наставничка која веќе повикала брза помош и ја информирала мајката. Повредата настанала кога дел од децата ја влечеле мрежата за одбојка. Откако биле опоменати од инструкторката за фолклор, останале само девојчето и неговото братче. Братот скокајќи ја повлекувал жицата и тогаш паднала шипката која удрила во главата на девојчето. Иако на мајката ѝ беше кажано да нѐ информира за состојбата, таа беше недостапна, и искористив приватни врски да дознаам што се случува. Од мајката добив само порака со навреди со недолична содржина. Сакав да го видам девојчето, но ми беше одговорено дека не е пожелно, рече таа.

Директорката објасни дека договорт за изнајмување на салата на Културниот центар Карпош, кој организира настава по играорна, е склучен лани на почетокот на октомври и дека има голем интерес од децата да се посетува оваа група.

Полицијата се уште не се заинтересирала за случајот бидејќи случајот се уште не е пријавен. Оттука ниту обвинителството не го истражува бидејќи ја чека полицијата да реагира. Телма го објави случајот со повреденото дете за што мајката бараше одговорност од надлежните. Инцидентот се случил пред почетокот на фолклорниот час кој требало да го држи културниот центар, но во изнајмена спортска сала на училиштето. И од културниот центар велеа дека децата биле под надзор, но повредата е резултат на детската игра токму на братот на девојчето. Оваа метална шипка паднала врз главата на девојчето откако дел од децата ја тегнеле мрежата која била обесена за шипката. На повреденото девојче морало да му се направи операција бидејќи делови од искршениот череп завршил во обвивката од мозокот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top