четврток, 15 ноември 2018 | Вести денес: 28 ново

Пандев го „поздрави“ Лацио, но сега мерка уште еден свој поранешен клуб

Горан Пандев го одбележа вчерашниот натпревар меѓу Лацио и Џенова на „Олимпико“ и со своето маестрално издание им помогна на гостите од „Луиџи Ферарис“ да стигнат до многу значајни три бода против клубот со кои имаше нерасчистени сметки (поточно со претседателот Лотито), а бидејќи нашиот капитен на вчерашниот натпревар уште еднаш ни покажа дека има посебен мотив против небесно сините, уследија и комплименти од негоите соиграчи и тренерот Балардини.

Гранде Горан беше играч на натпреварот и го постигна првиот гол во победата од 1:2 на гостувањето во Рим, а во својата анализа за она што се случи на теренот, македонскиот напаѓач јасно стави до знаење дека со нетрпение го чека и дуелот со уште еден негов поранешен клуб, оној со Интер кој е на програмата во 25-то коло.

Следниот викенд Џенова му гостува на Киево во Верона, а потоа на домашен терен ќе го пречека Интер, клубот со кој Пандев стана европски шампион.

– Почнавме добро и уште на стартот создадовме неколку добри шанси, дадовме повеќе од нашите можности и на тој начин не им оставивме простор за игра. Секогаш му стоиме на располагање на тренерот, но веќе треба да се насочиме кон другите предизвици. Не чека гостување кај Киево, а потоа треба добро да се подготвиме за Интер на домашен терен. И на тој меч ќе мора да веруваме во победата како што верувавме против Лацио, – потенцира Пандев за „Скај Италија“.

Извор: Дерби

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top