сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 0 ново

Правото на егзекуција според Фрчкоски

Љупчо Златев, новинар

Во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“, професорот и лустриран кодош Љубомир Данаилов – Фрчкоски ни го откри начинот на кој Владата ќе го менува името на Република Македонија. Имено, според Фрчкоски, елитите а не граѓаните се тие кои имаат право на ваква одлука, па прво треба да се смени името и тоа да се потпише во Собранието, за дури потоа, откако ќе влеземе во НАТО, да се свика референдум на кој граѓаните ќе одлучуваат.

Значи, прво некој да се егзекутира, па потоа да му се овозможи судење. Сега станува целосно јасно зошто пратениците на СДСМ иницираа промена на Законот за референдум. Прво сакаат да нè егзекутираат, па потоа да ни дадат право да одлучуваме. Бољшевиците секогаш така правеле.

Не мора човек да е правник, дури и молерите и таксистите може да видат дека ова толкување на самопрогласениот македонски Томас Џеферсон тотално не кореспондира со Уставот, за кој тој тврди дека го пишувал, иако вистинските уставотворци велат дека неговата улога во создавањето на најважниот документ на Републиката била сведена на купување бурек и додавање запирки.

Ваквите правни перверзии кои се зготвени во необољшевистичките кујни на воскресната филијала на УДБА во Македонија, би значеле дека некоја идна елита ќе има право прво да го егзекутира Фрчкоски, па дури потоа да му организира фер судење во согласност со Уставот и Законите на Република Македонија. Ако актуелната елита (Заев и Таљат се некаква елита?!) има право задоцнето да се консултира со уставните механизми кога станува збор за клучно прашање како менување на името или влез во меѓународна организација, тогаш и некоја идна елита ќе има право прво да егзекутира, па потоа да гледа во Уставот и Законите кога се во прашање човековите права и слободи.

Добро, во Македонија смртната казна е забранета со Уставот, но кој го прашува тој пуст Устав за што било во државава? Од поставување на претседател на Собранието, па се до Законот за јазиците, овој документ се третира како таолетна хартија, па зошто би го третирале поинаку кога е во прашање и смртната казна?

Дека методите на УДБА воскреснуваат како феникс од пепелта, покажуваат и изјавите на уште еден лустриран кодош, ексдиректорот на фондацијата на Сорос во Скопје, Владимир Милчин. Драматургот наеднаш почна да го сука мустакот кога е во прашање промената на името и почна да ја игра улогата на војникот во легендарниот прилог на Јутел „Они као желе да се цепе, ми им као не дамо“. Наеднаш човекот кој делеше милиони за целосно идентитетско рашрафување на Македонија, почна жестоко да нè брани. Сега треба да заборавиме на сите проекти од ГЕМ па до Шарената револуција и да поверуваме дека Милчин го заболе за името на оваа земја? Не само што не го заболе, туку во периодот што е пред нас тој ќе ја спроведува познатата тактика на службите наречена „контролирана криза“.

Сега следува проект во кој службите не смеат да дозволат да се развие автентично незадоволство, иако тоа тлее и постои. 24 април ни го спремаат по втор пат – и сега сакаат да го направат истото, да сценираат претстава и се да заврши во корист на СДСМ. Токму затоа е активиран драматургот Владе, сепак тоа е човек со големо искуство во режирање на протести за службите уште од далечната 1968.

Актерите се наместени, генералните проби се во тек, претставата почнува за кратко, а во неа нема улога само за ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, ова е одлична прилика, затоа што некој треба да излезе на сцената и да ги распуца сите. Сега треба да се покаже и мудроста на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое доколку одигра паметно, може да се надева дека ќе се врати на власт до крајот на годинава. Како никогаш претходно од ВМРО треба да бидат паметни и внимателни. Се надевам дека ги научиле лекциите од порано кога службите ги издупчија како швајцарско сирење.

Во таа контролирана криза, по се изгледа ќе учествува и колегата на Зоран Верушевски, големот македонски патриот Јанко Бачев. Неслучајно, токму во овие моменти Бачев својата партија ја ребрендираше во „Единствена Македонија“, крадејќи го брендингот на партијата на Путин „Единствена Русија“. Мечката од логото ја замени со лав, сето друго е исто.

Во својата платформа Бачев ги вклучи и фантомите од организацијата „Тврдокорни“, за кои отворено се зборуваше дека работат по директива на Оливер Спасовски. Нивната мисија е малку поразлична од онаа на Милчиновиќи – тие ќе треба да прикажат дека во Македонија против промена на името се само сили контролирани од Русија, односно тие се мечки кои ќе играат пред меѓународниот фактор, со нив СДСМ и службите ќе ги плашат дипломатите од запад „Еве Путин сака да не дестабилизира“. Во исто време мечкарите ќе сардисаат по ВМРО-ДПМНЕ и иако нивната улога во ова што се случува е минорна, ќе прикажуваат дека се главни виновници. Среќа што кловновите од „Единствена Македонија“ се тие што се, инаку можеби и ќе откинеа некој посериозен дел од гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ.

На крајот од денот останува само разочарувањето од фактот дека од осамостојувањето до денес, удбашите не се способни ниту да продуцираат нови актери. Па истиот тој Фрчкоски во 90-тите ја отвори спиралата на македонско-албански судири убивајќи Албанци по улиците само затоа што сакаа да студираат, а сега истите Албанци го гледаат како херој, човек кој ја црта мапата за нивна доминација со Македонија. Се прашувам каде им е колективната меморија на сограѓаните Албанци.

Истото важи и за Македонците, со истите ликови нè дупат 26 години, а македонскиот народ со своите ограничени интелектуални капацитети упорно паѓа на истите финти. Да се надеваме дека овој пат ќе биде поразлично.

За крај, почитувани читатели, би сакал да ве прашам: Што ќе правиме ако ни ги сменат името, идентитетот, јазикот и нацијата, а пак не влеземе во НАТО и ЕУ? За жал, тогаш никоја егзекуција нема да нè спаси од тоталниот колапс. Веројатноста дека ова ќе се случи е над 60%, ако се има предвид политичката ситуација во соседна Грција, знаете таму, за разлика од тука, руското оро не го играат само мечкари.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top