среда, 21 февруари 2018 | Вести денес: 0 ново

Мистерии што научниците не можат да си ги објаснат

Во 21 век речиси сè може да се објасни со помош на науката. Но, постојат и исклучоци кои со децении се вистинска мистерија за експертите.

Ова се четирите мистерии што долго време не се разјаснети и засега експертите за нив имаат само ставови што се базираат на претпоставки.

1. Светлата во долината Хесдален, Норвешка

Жителите на долината Хесдален во Норвешка веќе со децении ги набљудуваат необичните светла што се јавуваат на небото ноќе.

Кога светлата ќе се појават, се движат во разни правци и светат во разни интензивни бои. Светлата се видени од голем број луѓе и повеќепати се регистрирани и со камера, што значи дека нивната појава не е оспорена. Но, она што долгогодишните спроведени студии не го откриле е за што всушност се работи. Една од шпекулациите е дека тоа подрачје е радиоактивно, а радијацијата носи честички прашина што експлодираат во допир со атмосферата.

Друго објаснување е дека целата област има карактеристики на голема батерија ако се земе предвид фактот дека е долина богата со бакар, а во другиот дел од долината има цинк во изобилство. Двете компоненти може да се пронајдат во батерија, потребна е само кисела врска за да засветат. Реката на дното на долината содржи сулфур, кој можно е да дејствува како извор на киселина. Теоретичарите на заговор, пак, во овие светла гледаат вонземско влијание.

2. Вилинските кругови во Намибија

На пасиштата во Јужна Африка, во најголем дел во Намибија, постојат илјадници мистериозни кругови што се појавуваат на полуплодна земја. Жителите на Намибија овие кругови ги нарекуваат вилински кругови. Се појавуваат на површината, а потоа исчезнуваат по неколку децении. Помалите кругови во просек траат 24 години, а поголемите можно е да постојат и до 75 години.

Прашањето на кое е многу тешко да се одговори е „Зошто?“ Постојат неколку претпоставки, но засега ниедна не е доволно уверлива.

Научниците ги проучуваат круговите уште од 1971 година, но досега немаат јасни докази зошто круговите се појавуваат.

По народните верувања на локалните жители круговите ги создава змеј што живее под Земјината кора, а неговиот огнен здив ги создава круговите на површината. Други хипотези зборуваат за дејствување термити, софистициран еколошки инженеринг и слично.

3. Таос

Се работи за низа чудни нискофреквентни звуци што личат на пеење и се снимени на повеќе места во светот, особено во градот Таос во Ново Мексико. Се опишува како звук на работење на моторот од автомобил во мирување. Наводно, влијае и на луѓето што живеат во тоа подрачје. Сите оние што го искусиле велат дека повеќе се чувствува внатре во телото отколку како надворешен звук.

Поради тоа, не помагаат ниту слушалки бидејќи звукот вибрира по должината на телото. Неговата фреквенција е тешко да се утврди со микрофон, а едно од можните објаснувања е дека се работи за спонтана отоакустична емисија, т. е. звукот доаѓа од влакненцата во ушите на луѓето.

4. Ѓаволовиот котел

Ова е река во Минесота, односно формација од водопад и карпи во кој настанува половина од реката Бруле. Реката се дели на два дела, од кои едниот паѓа низ карпите и создава водопад, а другиот тече во јама и исчезнува, но никој не знае каде. Научниците веруваат дека посоти некоја излезна точка некаде под езерото Супериор, но истражувачите со години во дупката излеваат боја и вметнуваат разни предмети како пинг-понг топчиња и слично, но ниеден од вметнатите предмети никогаш не е пронајден.

Геолозите тврдат дека длабоките пештери кои може да акумулираат толкава количина вода се многу ретки. Текстонските акции во цврстите карпи понекогаш може да ги здробат подземните слоеви на карпите создавајќи пропустливо опкружување за вода. За жал, не постојат геолошки докази за ваквото објаснување, а дури и да постојат, малку е веројатно дека јамата може засекогаш да ја влече водата во себе. Бурите и ерозијата понекогаш во јамата донесуваат одрони и парчиња дрва, па во некој момент логично би било дупката да се преполни, но тоа досега не се случило.

Извор: Репортер

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top